Средношколците и ги претставија проблемите со кои се соочуваат на претседателката на државата
Младите не се чувствуваат безбедно кога излегуваат. На полицијата пак наместо фокусот да и е кај вистинските криминалци, таа се занимава со малолетници и казни за ситни прекршоци. Ова се мислењата на средношколците, а проблемите со безбедноста со кои секојдневно се соочуваат денеска и ги претставија на претседателката Силјановска-Давкова. Дел од нив сметаат дека системот е виновен, дека институциите потфрлаат, а за пример ја посочуваат трагедијата во Кочани.
Други пак сметаат и дека самите се одговорни и тие го сочинуваат системот. Како млади треба да се поажурни и поактивни, наместо пасивно да чекаат промени.
Претседателката на државата пак, спореди како било во нејзино време. За безбедноста речиси и да не се грижеле, што денеска не е случај, а и светот и државата се променети. Таа им објасни дека во време кога политиката сe почесто се сведува на лични интереси, услуги и нееднаква распределба на ресурси, наместо на квалитет и заслуги, се отвора прашањето колку системот навистина ги вреднува најдобрите. Наместо критериуми и почит, се почесто одлучуваат личните врски и услуги, што води кон појава на клиентелизам и неправедно поставување на позиции.
На дебатата покрај безбедноста се отворија и теми за медиумска писменост, законот за пушење цигари, како и за наркотични супстанцки. Учестуваа над 40 средношколци од училиштата во Скопје.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
