ССМ најавува блокади од следната недела ако не се зголемат платите

Следната недела, Сојузот на синдикати на Македонија почнува со блокади, а останува и одлуката за генерален штрајк доколку не се зголемат платите. Оттаму упатија отворен повик до Владата да дојдат во понеделник во зградата на ССМ и да го потпишат колективниот договор со кој платите ќе се зголемат веќе од февруари.
-Го повикуваме претставникот на Владата во понеделник да дојде во ССМ и да го потпише колективниот договор со кој ги зголемува платите на вработените за 40 проценти и наместо во 2028 година да ја зголемиме минималната плата на 600 евра од февруари 2026 година. Го покануваме преку вас медиумите да дојде и да ја зголеми платата врз манипулациите кои ги искажуваат дека ССМ одбил да се зголеми, а патем ССМ протестира и од улица им кажуваме дека не ги зголемуваат платите. Но, доколку не дојде, што тогаш, рече претседателот на ССМ Слободан Трендафилов денеска на прес-конференција.
За протестот што се одржа во средата, Трендафилов им се заблагодари на сите работници што присуствуваа, особено на оние на кои, како што рече, им бил вршен притисок да не излезат. Како примери каде е вршен притисок ги спомена Македонска пошта и заменик генералниот директор, како и Тутунскиот комбинат Прилеп каде извршен директор ги повикувал вработените да не одат на протест и да потпишат пристапници во КСС.
Посочи и на случаи во кои претставници на синдикални органзиации на КСС изјавувале дека нема потреба од излегување на протест како регионалниот претставник на СОНК за Делчево и на претседателката на синдикалната организација во Македонска пошта за каде побара Државниот инспекторат за труд да направи надзор и да утврди како за краток период се собрани огромен број на пристапници.
-Жалосно е што Конфедерацијата на слободни синдикати, преку медиумите, неколку дена пред одржувањето на големиот работнички протест за зголемување на платите, излезе со став дека нема потреба од вакви радикални чекори, бидејќи платите на вработените се зголемиле за 20 проценти. Ако на еден член во Конфедерацијата на слободни синдикати му е зголемена платата за 20 проценти, во ред, а доколку не, веднаш да излезе од таа конфедерација, затоа што терминот „слободни“ очигледно е заробен. Претседателот на истата конфедерација, во емисија на Телевизија 24, истакна дека платите на функционерите се ниски, дека треба дополнително да се зголемат и дека функционерите не можат да имаат плата од 1.000 евра, рече Трендафилов.
ССМ останува на најавите за блокади кои ќе почнат од следната недела. Првично, ќе се блокираат влезовите на Скопје.
-Наредната недела ќе започнеме со блокади, како што најавивме на големиот протест. Ќе започнеме со блокади на Собранието. Веројатно тие ќе бидат првите што ќе ги блокираме, затоа што тие нè блокираа цела година, го чуваа законот во фиока и не сакаа да ги зголемат платите на работниците. Тоа значи дека пратениците ќе мора да дојдат пешки или со јавен превоз, како што одат работниците на работа. Тој ден нема да можат да наплатат патни трошоци, а ќе побарам од претседателот на Собранието да нè информира кој пратеник побарал патни трошоци за тој ден, рече Трендафилов.
Останува и одлуката за организирање 24-часовен генерален штрајк донесена од страна на највисоките тела на Синдикатот.
-Одлуката за поведување генерален штрајк, кој работниците го бараат, и кој ќе трае 24 часа, ќе ги заштити сите работници кои тој ден нема да ги извршуваат своите работни обврски и ќе излезат на улица, како што тоа го прават нивните колеги во Франција, Грција и Белгија. Законот ги штити работниците. Ќе определиме само нужни работи кои мора да се извршуваат како и во 2020 година кога организиравме генерален штрајк во јавниот сектор. Здравството и безбедноста ќе бидат дејности кои ќе функционираат со минимум процес на работа, а сите останати ќе имаат полно право да застанат зад одлуката за генерален штрајк, да дојдат на улица и да не ги извршуваат своите работни задачи и на таков начин да им покажат на работодавачите, на бизнис елитите и на функционерите што мисли работникот за нив, рече Трендафилов.
Сојузот на синдикати во средата одржа протест поради неисполнување на барањата за зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра и на сите останати плати за 100 евра. Од протестот беше испратена порака дека тоа е само почеток на чекорите што ќе се преземат за да се зголемат платите бидејќи минималните трошоци на едно семејство во јануари се зголемени за илјада денари, а цените на основните прехранбени производи секојдневно растат.
МИА
Ново на Сител
-

Орбан: Парите за Украина треба да се пренасочат кон развој на армиите на европските држави
-

Јаневска: Законот за високото образование в понеделник на ЕНЕР, наставниците ќе добијат 7,5 проценти покачување со мартовската плата
-

Мицкоски за проблемот со транспортерите: Имавме дипломатска офанзива, има неколку можни решенија
-

Обезбедени се средства за набавка на 150 електрични автобуси за Скопје и општините
-

АХВ го одзеде малтретираното куче, сопственикот ќе биде казнет
-

Најмалку 85 луѓе загинаа во САД како последица на снежната бура и ниските температури
-

Ердоган понуди Анкара да посредува помеѓу Иран и САД
-

Мицкоски за затворањето на постмониторинг дијалогот со ПССЕ: Ова е историски ден, рамо до рамот со денот кога се прогласи независноста
