Македонија
24. October 2022 - 16:31

Станарите од опожарената зграда во Штип ги предупредиле институциите дека живеат во опасност

Станарите на зградата на улица „Широк дол“, каде вчера вечер избувна пожар во стан, се уште во шок и неверување. Велат, избегната е трагедија со човечки жртви, но ситуацијата беше повеќе од критична.

- Кога излегов од дома нозете ми се стресоа, многу страшна слика беше. Многу се исплашив, сите не само јас, изјави Снежана Тодоров, станарка.

Станарката која живее над опожарениот стан имала намера да ги спушти ролетните за да не пукнат стаклата на прозорците, но не успеала.

- Наеднаш фифна пламенот и ниту ролетни спуштивме, ниту прозори отворивме. Успеав некако да се симнам до доле, но веднаш ме однесоа во брзата помош, се онесвестив, а мажот ми остана горе сигурно уште 2 часа додека траеше пожарот. Потоа го изгасија и него го изнеле и го однеле во брзата помош со кислород. И двајцата сме со висок притисок, изјави Снежана Шалева, станарка.

Пожарот избувна во стан во кој живее повозрасна жена. Шалева вели дека не е прв пат да предизвика пожар од невнимание, но досега немало посериозни последици.

- Ние сме овде 20 години, а таа по трет пат се пали, ама до овој степен не е било, додаде Шалева.

Реагирале до сите надлежни институциа, дури и потпишувале петиција да се најде инстуционално решение, меѓутоа не наишле на разбирање.

- Таа нас не уништи. Ние сите живееме со кредити и уште ги исплаќаме становите. Таа е болна жена. Каде веќе не се обративме, денес ќе се преземе, утре...,изјави Ване Манаилов, станар.

Причинета е голема материјална штета. Денес на помош на жителите во расчистување им се приклучија и вработените во ЈП „Исар“.