Македонија
9. July 2025 - 17:21

„Стануваме енергетска крстосница во регионот“ - почна изградбата на гасниот интерконектор со Грција

Почна изградбата на гасниот интерконектор со Грција. Македонскиот дел од интерконекторот е долг 67 километри и се протега од Неготино до Гевгелија. Од грчка страна, пак, интерконекторот е во должина од 57 километри и тој е речиси готов. Стануваме значајна енергетска крстосница, вели премиерот Мицкоски.

„Овој гасоводен интерконектор ќе донесе нови извори на природен гас, стабилно снабдување за индустријата и домаќинствата, пониски цени за граѓаните, поголема конкурентност за компаниите“ – изјави Христијан Мицкоски, премиер.

„Повеќе не сме заложници на енергетска зависност и инфраструктурна изолација. Денес ја поставуваме нашата земја на мапата како регионален лидер, силна, поврзана и независна“ – изјави Сања Божиновска, министерка за енергетика.

Вредноста на проектот е 60 милиони евра - пари обезбедени со поддршка од европските банки.

„Да им се заблагодарам на релевантните чинители кои покажаа голема издржливост и стратешка визија за да се продолжи овој проект“ – изјави Михалис Рокас, амбасадор на ЕУ.

„Партнерствата со пријателите и соседите се докажуваат дека се многу поважни од бирократски и политички маневри“ – изјави Анџела Агелер, амбасадор на САД.

Oчекувањата се изградбата да трае 22 месеца, а интерконекторот да биде готов во 2027 година.