Македонија
24. November 2025 - 16:37

Стразбур почна постапка по жалбата на Јанкулоска

Европскиот Суд за човекови права побарал информации од Владата за постапката која таму ја води екс министерката Гордана Јанкулоска за случајот „Тенк“. 

Овој чекор значи дека Стразбур отвора постапка по жалбата на Јанкулоска дека во предметот за набавката на блиндираниот Мерцедес биле повредени нејзините права на правично судење 

Ова практично значи дека судот се сомнева дека во незаконските бомби можеби имало и снимки кои ќе потврдат дека Јанкулоска нема вина. Се интересираат колку таа била способна да се брани во ситуација кога во екот на ризична бременост морала да присуствува на повеќе рочишта во иста недела. Се отвора и прашањето колку судијката Кацарска била непристрасна во овој предмет бидејќи таа за истото дело веќе го осудила Груевски а при изрекувањето на таа пресуда веќе изјавила дека Јанкулоска го поттикнала вршењето на ова кривично дело. Тимот на Јанкулоска приложил и изјава од еден од поротниците кој тврди дека никогаш не присуствувал на носењето на одлуката таа да биде прогласена за виновна и дека му биле дадени само готови записници за потпис.

Јанкулоска информациите ги потврди на социјалните мрежи. Рече дека чувствува мала сатисфакција за повеќе од 3 години поминати зад решетки но и дека очекува одговорност.

„Можеби конечно оние со 2% доверба ќе ја примат пораката дека не смеат да слугуваат на ничии интереси и агенди затоа што граѓаните ги плаќаат да ги штитат, а не да ги кршат нивните права. Госпоѓата која денес е на столбот на срамот, а која за своите злодела беше од страна на претходната власт дебело наградена со висока функција е пример дека судиската тога не е панцир што штити од општествен прекор. Се надевам дека конечно ќе има одговорност за сите сторени зла, но и ако тоа не се случи, немам дилема дека никој не може да му избега на судот на историјата.“ – пишува Јанкулоска на социјалните мрежи. 

Евентуална пресуда ќе отвори простор Јанкулоска да побара земјава да и исплати оштета, но нејзиниот сопруг и адвокат вели дека парите не се меѓу приоритетите.

Дека Стразбур го отвори предметот на Јанкулоска утрово потврди и Премиерот.

Јанкулоска првично беше осудена на 6 години затвор за случајот Тенк а Апелација казната и ја намали на 4. Зад решетки помина нешто повеќе од 3 години и 1 месец. Пресудата ја донесе Добрила Кацарска која потоа доби унапредување во уставен судија. Обвинителката Катица Јанева одлежува затвор во отвореното крило на Идризово откако беше осудена во случајот Рекет.