Македонија
5. September 2026 - 16:29

Струја нема вода нема, револт во Чешиново

Жителите на Чешиново, Уљарци, Жигјанци и Соколарци, денеска излегоа на мирен протест, револтирани поради нерешавањето на нивниот долгогодишен проблем, нередовна испорака на електрична енергија до нивните домови и стопански капацитети. Како што велат, роса да зароси, тивко ветре да дувне, тие со часови, а понекогаш и со денови остануваат без струја. Ситуацијата е уште подраматична затоа што со вода за пиење и лична хигиена се снабдуваат од приватни бунари.

- Овој проблем не е пет години, овој е можеби 20-30 години. Водовод немаме во селото, значи врзани сме со хидрофори. Ако немаме струја, немаме ни вода.  Жално, за плачење е. Да немаш струја сега ти во 21 век и вода. На поле работиш, се враќаш дома, во што ќе се измиеш? Јадење во што ќе направиш? Нема вода, нема струја, нема ништо. Жива катастрофа, изјави Игор Митевски, сопственик на маркет во с. Чешиново.

- На пример, во месецот по 5 дена немаме струја. Треба да се најде решение да се знае што е проблемот, изјави Стојанчо Јанев, жител на с. Чешиново.

Мештаните велат дека, сите апарати за домаќинство им се расипуваат поради слабиот напон, а трпат и штета од расипана храна која мора да ја фрлаат, затоа што фрижидерите постојано им се одмрзнуваат. Затоа бараат системско решение и помош од институциите.

- Институциите да направат притисок врз ЕВН, да се инвестира тука, да се направи. Значи, никогаш бандера не е сменета, жици не се сменети, тотално ништо не се работи, додаде Митевски

Првиот човек на општината застана зад барањата на своите сограѓани.

- Кога станува збор за наплата на нивните долгови кон нив, тие се тука и експедитивни и брзи, кога станува збор за да испорачаат услуга, да отклонат некој дефект, многу тешко достапни се и многу тешко се стигнува до помош од нивна страна. Веројатно, претпоставуваме дека станува збор за недоволно екипирање од нивна страна и не можат веднаш на терен да излезат по сите населени места и да го отклонат тоа, меѓутоа во исто време е и недозволиво населените места да останат по неколку дена без електрична енергија, изјави Јорданче Костадинов, градоначлник на о. Чешиново- Облешево.

Сите индикатори говорат дека проблемот е во старата и дотрајана дистрибутивна мрежа во која не се инвестира со години. Во услови на засилена депопулација на руралните средини, ова е уште една причина за масовно иселувања и од рамничарските села.