Студентите ќе добијат ваучери од 250 евра за компјутер, лаптоп или таблет
Младите до 29 години кои годинава ќе се запишат на факултет ќе можат да добијат ваучер од 250 евра за да си купат компјутер, лаптоп или таблет. Предлог законот денеска влезе во собраниска процедура и ќе се носи по скратена постапка. За оваа намена ќе се потрошат над 13 милиони евра од државниот буџет.
„Оваа мерка е директен резултат на новите политики на ВМРО-ДПМНЕ за развој на Македонија – политика на конкретни решенија, а не на празни флоскули. Политика на реализација, а не на лаги и празни ветувања. Средствата потребни за оваа намена се обезбедени и веќе се дел од државниот буџет, а институциите се подготвени да помогнат во брзата, транспарентна и ефикасна реализација на оваа мерка“ - Сергеј Попов, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ
Студентите треба да поднесат барање за ваучер преку порталот uslugi.gov.mk. Ако некој нема кориснички профил, за да креира мора да оди лично на шалтер во некој од центрите „Една точка за услуги“. Потоа се врши проверка на точноста на личните податоци и ако се исполнети условите, се генерира електронски ваучер. Истиот ќе може да се искористи најдоцна до Нова Година, само во избрани продавници чии имиња ќе бидат објавени на веб страната на Владата.
Од Универзитетското студентско собрание на УКИМ велат мерката е добра, но тие на Владата и Собранието им предложиле предвидените пари да ги поделат така што дел од средствата ќе одат кај студентите од социјалните категории, а останатите да се потрошат за подобрување на студентскиот стандард.
„Во однос на студентските домови, посебно во делот на мензите, читалните, интернетот во студентските домови којшто не е баш достапен, понатаму инфраструктурата на факултетите каде што се соочуваме со одредени проблеми, понатаму превозот – одреден број студенти немаат доволен број линии, ниту превоз од нивните градови за да стигнат до главниот град и другите универзитетски градови. Но, во тек се разговори со Владата за правење приоритети од следната и следните академски години за клучните студентски проблеми да бидат решени“ – Александар Николовски, Универзитетско студентско собрание на УКИМ
Контрола на спроведувањето на законот ќе прави пазарниот инспекторат.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар