Судиите и обвинителите да не бидат неми сведоци на хаосот во правосудството
Судиите и обвинителите, сами да ја подобрат сликата за правосудниот систем. Ова е пораката на експертите за разнишаната доверба и ниските оценки со кои се соочуваат правосудните институции. Според Академикот Владо Камбовски, незамисливо е фелата да смета дека без нивна реакција, ќе се промени состојбата.
„Јас не ги оправдувам за тоа судиите и обвинителите во потполност затоа што ако општеството е загазено во криминал, ако имате насекаде такви тешки форми на злоупотреби на власта, на системска корупција итн, не може да очекувате дека некој со некое волшебно стапче ќе ги поправи тие состојби. Правосудството, судството, судовите треба да се доведат во нивната вистинска позиција на протагонисти на владеење на правото. Без тоа во државата нема да постои законитост, нема да постои поредок, ќе постојат злоупотреби“, изјави Владо Камобвски, Академик.
Невладините кои ги следат состојбите во правосудството, оценуваат дека 2023 била една од најлошите во последните седум години. Виновникот го лоцираат во експресно донесените измени на кривичниот законик и превирањата во Судскиот совет. Според коалицијата „Сите за правично судење“, тешко ќе биде закрепнувањето на системот кој дели правда.
Потенцираат дека клучно е во процесот активно да се вклучат судиите и обвинителите.
„Ние не само што не сме успеале да ги надминеме проблемите од претходната година, туку, како што сме влегувале во нова година, така сме се соочувале и со нови проблеми и предизвици. Сметам дека во 2024 треба да се почне, меѓутоа не може да се очекува дека во 2024 овие проблеми сите ќе бидат надминати. Треба да имаме предвид дека целиот тој процес е исклучително напорен и тежок, а сите надлежни институции кои работат во полето правосудство треба да бидат упорни и доследни во нивното работење со цел надминување на овие проблеми и треба да имаме предвид дека брзи резултати во 2024 нема да има“, вели Лејла Тутуиќ, Коалиција „Сите за правично судење“.
Прв пат, од оваа година судиите и обвинителите ќе бидат под лупа на Антикорупциската комисија. По случаен избор ќе се испитува потеклото на имот за четворица судии и обвинители, но проверка ќе се прави и ако Антикорупциска има пријави за сомнително стекнат имот.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
