Македонија
21. October 2026 - 12:23

Сушата ја пролонгира есенската сеидба

Есенската сеидба во државата доцни поради недостигот од врнежи. Околу 90 проценти од површините сè уште не се изорани, а земјоделците чекаат дожд за да можат да ја обработат почвата и да започнат со сеидбата.
Гоце Серафимов, потпретседател на Асоцијацијата на земјоделци, предупредува дека доцнењето може да се одрази врз производството, особено кај оние што обработуваат поголеми површини.

„Ваква година не се памети досега, и постари луѓе кажуваат. Имаме проблем уште по жетвата, не можеме да ги изораме површините, и сега уште нема обилни дождови, што е проблем. 90 проценти не се изорани површините. Ако сеидбата многу доцни, ќе имаме проблеми.“

Иако температурите постепено ќе се намалуваат, според Серафимов, тоа не е главната пречка за есенската сеидба. Клучно е да има доволно влага во почвата, за да може навреме да се извршат подготовките и да се обезбедат услови за никнување на посевите.

„Нема да претставува проблем. Меѓутоа, ќе видиме колку ќе доцни. Зависи. Кај јачменот можеби и нема да биде толкав проблем, но пченицата ќе биде малку попроблематична. Слушаме дека секаде е така, ситуацијата е лоша.“

Најавените врнежи во наредните денови би можеле да донесат олеснување за земјоделците. Сепак, нивниот ефект ќе зависи од количината на дождот и од тоа колку брзо почвата ќе стане погодна за обработка. Доколку временските услови се подобрат, земјоделците ќе можат да продолжат со подготовката на нивите, но останува неизвесно колкав дел од планираната сеидба ќе успеат да реализираат во оптималниот агротехнички рок.