Светски ден на бубрегот
Тригодишно дете и 90 годишен старец се најмладиот и најстариот пациент во земјата кои одат на дијализа. Терминалниот стадиум на хроничната бубрежна болест е тешка состојба која бара постојана нега, одрекување од многу нешта и по три пати неделно одење на прочистување на крвта, велат од Нефрон на денешниот Светски ден на бубрегот. Пресадувањето органи е спас за многу болни а еден од нив кој година ипол живее со нов бубрег е и Киро Христовски.
-Трансплантацијата е нешто сосема поразлично од дијализа, со пресадување на орган живеете нормален живот. Јас добив бубрег од кадавер, вели Киро Христовски, 51 годишен пациент со трансплантиран орган.
Според статистиката на Нефрон, 61 пациент повеќе од 20 години во континуитет одат на дијализа. На апаратите за прочистување на крвта завршуваат сите кои се во крајниот стадиум на хроничната бубрежна болест.
-Некогаш матични доцна ги праќаат, но има и пациенти кои занемаруваат и касно одат на лекар, на пример лица со дијабет одат на нефролог кога веќе развиле некоја форма, вели д-р Александар Поповски директор на заводот за нефрологија во Струга.
А како да ги заштитиме бубрезите?
-Пред се треба добро организиран систем кој ќе понуди превентивни прегледи. Голем дел од населението има хронична бубрежна болест, а на на почетокот нема некои изразени симптоми, вели д-р Ирена Бушљетиќ, директор на Клиника за нефрологија.
На дијализа има околу 1500 пациенти а 240 живеат со трансплантиран орган.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
