СЗО: Европа мора подобро да го заштити населението од екстремните горештини

Европа мора подобро да ги заштити своите граѓани од екстремните горештини во услови на забрзани климатски промени, предупреди Светската здравствена организација (СЗО), посочувајќи дека континентот се затоплува побрзо од кој било друг регион во светот.
Регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге, изјави дека во изминатите четири години повеќе од 200 илјади лица во европскиот регион починале од причини поврзани со високите температури. Тој ги опиша горештините како „тивок убиец“ што може да биде спречен доколку Европа само ги примени алатките и мерките што веќе ги има на располагање.
Клуге во Берлин ги претстави ажурираните препораки за заштита од горештини, каде акцент е ставен на заштитата на постарите лица и другите ранливи категории граѓани.
Германскиот министер за животна средина, Карстен Шнајдер, истакна дека последиците од климатските промени веќе се чувствуваат ширум светот и оцени дека заштитата од горештините е и социјално прашање, бидејќи луѓето кои живеат во густо населени урбани средини и прегреани живеалишта често имаат ограничени можности за заштита од екстремни температури.
Според него, намалувањето на емисиите на штетни гасови и проширувањето на зелените површини во градовите, како што се дрвјата, парковите, реките, шумите и мочуриштата, може да помогне во ублажувањето на последиците од горештините.
Климатските и здравствените експерти предупредуваат дека порастот на глобалните температури предизвикува почести, поинтензивни и подолготрајни топлотни бранови, при што особено изложени на ризик се постарите лица и луѓето со претходни здравствени состојби. Според СЗО, екстремните горештини секоја година предизвикуваат зголемен број заболувања и предвремени смртни случаи, како и економски загуби од повеќе милијарди долари.
МИА
Ново на Сител
-

Македонска државјанка се удави на Халкидики
-

ФФМ: Штетатa нанесена на ФФМ од 2015 година до 2019 година e повеќе од 2,5 милиони евра
-

Јаневска: Годинава се исплатени над пет милиони денари годинава за учество на меѓународни натпревари на ученици
-

Мицкоски: Вративме 4,6 милијарди евра стари долгови, проектираме економски развој
-

Штипска Апелација ја укина казната доживотен затвор за Стојанче Зарков, предметот се враќа во Основниот суд
-

Опожарена куќа во Бутел, нема повредени
-

Со „мерцедес“ бегал од полиција, удрил во дрво и избегал - во возилото биле пронајдени 12 мигранти
-

Мажите во Македонија во просек умираат на 72.2 години, а жените на 76.6
