Македонија
28. July 2025 - 16:36

Таравари и ДУИ договориле заеднички листи

На средина од идниот месец сите политички партии се очекува да ја комплетираат постапката за селекција на кандидати за локалните избори. Во ВМРО-ДПМНЕ веќе се познати 50тина имиња. Партискиот лидер вели се прават последните мерења и договори со коалиционите партнери и по летните одмори, целата понуда ќе и биде претставена на јавноста.

Но главната битка на овие избори се очекува во албанскиот политички блок. Таму дербито е веќе закажано за во скопски Чаир а интересни битки се очекуваат и во останатите поголеми градови каде живеат мнозинство етнички Албанци.
ДУИ за прв пат на локални избори оди со предизборна коалиција, дури и поширока од онаа со која дебитираше на парламентарните избори лани.

Таравари во телефонски разговор за Сител ја потврди можноста да оди на заеднички листи со ДУИ иако претходно рече дека ја напушта владината коалиција бидејќи сакал сам да излезе на изборите за советници и да ја провери тежината на својата партија. Потврди дека со ДУИ ќе имаат и заеднички кандидат за скопски градоначлник.

За Вреди потегот на Таравари е очекуван. Чаирскиот кандидат од владејачката партија вели дека Таравари само барал пократок пат до скутот на Ахмети. Потврди дека и тие се во последни подготовки за локалните избори.

Локалните избори според првичните најави се очекува да се одржат на 19 октомври. Вториот круг, онаму каде што ќе биде потребен ќе се одржи на 2 ноември.