Македонија
13. May 2025 - 16:33

Таравари си замина – ВРЕДИ очекува прелет на пратеници

Мицкоски нема да се сретне со Таравари на проштална средба потврдуваат владини извори без детали за тоа дали ќе се чека оставката на министерот за здравство или ќе се оди со негово разрешување во Собранието.

Од партијата се зачудени на забелешките на Таравари за балансерот, интеграциите и маргинализацијата на Албанците.

Таравари вчера на партиски состанок реши да ја напушти Владата. Демантираше дека се договорил со Ахмети но не ја исклучи можноста да си дадат поддршка на изборите. Уверува дека ќе го следат сите сопартијци

Токму трансферот на пратеници еден од лидерите на Вреди смета дека ќе биде главна тема во наредните денови. Во интервју за 360 гарантира дека мнозинството ќе добие нови гласови во Собранието.

Во СДСМ и денеска го повторија ставот на Филипче дека ова мнозинство ќе се распадне. Не побараа предвремени избори. Констатираа дека е само прашање на време е кога Владата ќе падне

Алијанса во моментов држи две министерски позиции во Владата и има 5 пратеници. Вицепремиерот Фетаи уште пред неколку дена се огради од постапките на Таравари но денеска не сакаше да ги коментира идните чекори.

Од Владата велат дека нема да има реконструкција туку само смена на министри без да соопштат повеќе детали. Доколку Таравари поднесе оставка денеска, таа би можела да се најде пред пратениците уште утре на 48та седница на Собранието.

Без пратениците на Таравари мнозинството има 73 пратеници. За избор на нови министри потребно е апсолутно мнозинство од 61 пратеник.