Таткото на прегазената Теодора: Барам иста правда за сите, зарем животот на мојата ќерка вредеше само 2 години?

Со писмо до јавноста во кое посочува дека нивното семејство живее и понатаму со неправда, се обрати Круме Ристовски, таткото на 22 годишната Теодора која во 2022 почина откако прегазена на пешачки премин. Четириест и девет- годишниот возач Менсур Пајазити, беше осуден на две години затвори за смртта на Теодора, па таткото Круме пишува дека за исто такво дело во државата, некои сторителите се казнети и со над десетгодишни затворски казни.
-Пред неколку дена читам дека за одземен човечки живот се изрекуваат 13 години затвор, денес слушам и 11 години затвор. И прашувам јавно? Зарем животот на мојата ќерка вредеше само 2 години? Барам правда. Иста правда за сите. Законите не смеат да се применуваат селективно. Солзите на еден татко во Тетово не се помалку болни од солзите на татко во Скопје. Детскиот живот нема град, нема националност, нема цена. Две години затвор за одземен живот не е порака за правда тоа е порака дека системот не нè гледа сите еднакво, вели Круме Ристовски во писмото.
Тој вели дека по пресудата па досега, молчел, но не затоа што му поминала болката, туку затоа што зборовите понекогаш тежат повеќе од солзите.
-Јас сум татко на Теодора. Дете кое го загубив засекогаш. Дете кое имаше иднина, соништа и живот што не смееше да заврши така. Теодора беше добар ученик, посветена и вредна. Беше добар студент на Машинскиот факултет. Имаа останато уште два испити — и ќе станеше машински инженер. Една млада личност што се бореше за својата иднина со знаење и труд. Молчењето не значи помирување. Молчењето значи дека болката зрее. И ќе продолжам да зборувам. Не од омраза —туку од љубов кон мојата Теодора и од надеж дека ниедно друго семејство нема да ја доживее оваа неправда, вели Круме Ристовски.
По сообраќајната несреќа во август 2022 година, на првото судење во ноември 2023 по признавање на вина Пајазити беше осуден на три години и шест месеци затвор. По жалба, Апелацискиот суд ја намалил казната на две години затвор, па Врховниот суд ги укинал двете пресуди на Основниот и Апелацискиот суд и предметот го врати на повторно судење.
На повторното судење во април 2025 година Пајазити доби две години затвор.
МИА
Ново на Сител
-

„Safe City“ ги снимил: Донеле четирицикл со шлеп-служба и глумеле сообраќајка за пари од осигурување
-

Мицкоски: Она што го прави Левица за Изборниот законик е театар за нивниот мал број гласачи
-

Мицкоски: Се следи состојбата со цените на горивата, мерките остануваат на располагање
-

Украински дронови погодиле уште 12 руски танкери во Азовско Море
-

На судењето за „Пулс“ презентирани комуникации од телефоните на обвинетите
-

Албанските власти негираат дека пратеници и функционер на ВРЕДИ биле спречени да влезат во Албанија
-

Со поглед во таван почна судењето на серискиот убиец во кумановско, Обвинителството ќе докажува дека мотивот бил некрофилија
-

Охриѓанец починал откако проготал опаковка со дрога за да не го фати полиција
