Македонија
12. July 2016 - 16:07

Тодоров: Во Дојранско езеро има нула ешерихија коли, нула фекални бактерии

Водата во Дојранско Езеро  е исправна за капење и не предизвикува опасност по здравјето на луѓето, тврди министерот за здравство. Според Тодоров мерењата на квалитетот на водата биле направени според параметри кои веќе не се применуваат во ЕУ.

-Детално го испитав случајот со моите соработници во Министерството. Прво, лабораториските анализи и резултатите кои се направени се точни, но ставени се во погрешен контекст. Ставени се во контекст на правила кои се одамна напуштени во Европска унија, односно направени се мерења кои се споредени со параметри кои повеќе не се применуваат, изјави Никола Тодоров, министер за здравство.

Тодоров тврди дека анализите не покажале присуство на ешерихија коли ниту на фекални бактерии во езерото.

-Доказ за тоа е што во целиот период пред да се објават мерењата нема сериозни заболувања на капачи од Дојранско Езеро и дека во целиот овој период има само еден случај на ентероколит што е далеку помал од просекот за овој период од годината, додаде Тодоров.

Министерот додаде дека и мерењата од грчка страна покажале дека водата е исправна за капење,а за да се расчистат сите дилеми и да нема никакви сомнежи побарал да се направат и нови анализи на вода земена од повеќе места од езерото.