Македонија
10. August 2025 - 16:47

Топлотниот бран донесе зголемен број пациенти со мозочни и срцеви удари

Утринава само до пладне двајца пациенти со мозочни удари беа примени во ГОБ “8 септември”. Лекарите очекуваат бројот да расте поради топлотниот бран. Неврологот Даниела Ристиќ Стомнароска објаснува дека самата топлина влијае на циркулаторниот систем. Најзасегнати се крвните садови, срцето и мозокот и затоа е зголемен ризикот од срцеви и мозочни удари кога е многу топло.

- Во прв ред тоа се одразува на крвниот притисок, во нормални условиво ноќните часови нивото на артерискиот крвен притисок се намалува, но кога имаме изложеност на топлина тој расте и затоа во ноќните часови кај болните имаме нагло покачување на крвниот притисок и е еден од факторите за ризик за мозочни удари. Во втора рака кога имаме изложеност на висока надворешна температура се случува проширување на крвните садови со цел разладување на телото, но тоа доведува до повлекување на водата, условно дехидратација и згрутчување на крвта и токму таа зголемена густинана крвта е ризик за мозочен удар, изјави за Сител Доц. д-р Даниела Ристиќ Стомнароска, специјалист невролог во ГОБ “8 септември”.

При вакви временски услови најзасегнати се лицата кои имаат хронични  болести: покачен крвен притисок, аритмија, дијабетес, но во последно време како што вели докторката имаат и млади пациенти со мозочен удар кои не знаеле дека имаат кардиоваскуларни проблеми. 

Таа советува и како соодветно да се разладуваме кога е екстремно топло. Да се пијат 2-3 литри течности, но и да се внимава со температурата во климатизирана просторија.

- Мораме да внимаваме на нагло ладење на телото, ако условно надвор е 45 степени и вие влезете во просторијаод 20 степени тоа е топлотен шок за телото, настанува стеснување на крвните садови и веќе може да порасне крвниот притисок. Значи мора внимателно со разладувањето кое мора да биде постепено и со поголем внес на течности, советува  д-р Ристиќ Стомнароска.

Новиот топлотниот бран повторно го зголеми и бројот на повици во Брзата помош. Од службата информираат дека дневно имаат по над 40 интервенции, а граѓаните најчесто барале помош поради варијации во притисокот, градни болки, главоболки и колапсни состојби.