Тошковски: Борбата со недозволената трговија со дрога е и ќе остане еден од стратешките приоритети на МВР
Борбата со недозволената трговија со дрога е и ќе остане еден од стратешките приоритети на Министерството за внатрешни работи. Не само поради нејзините последици врз младите и општественото здравје, туку и поради фактот што овој феномен претставува клучен извор на моќ и ресурси за организираните криминални групи. Оваа борба мора да биде споделена, инклузивна и стратешки насочена.
Ова е пораката од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој денеска се обрати на 16-та сесија на Работната група 4 од Националната конвенција за Европската Унија во Македонија, платформа, како што нагласи, која низ годините се етаблира како сериозен и кредибилен простор за дијалог, анализа и препораки во процесот на европска интеграција.
Темата на денешната сесија „Предизвиците и перспективите во националните политики за дроги и психоактивни супстанции: усогласување на македонското зкаонодавство со европските стандарди“, истакна Тошковски, е тема која го засега секој сегмент од нашето општество. Тоа, подвлече, не е само безбедносно или правно прашање, тоа е здравствено, социјално и цивилизациско прашање, кое ја отвора дилемата меѓу репресијата и рехабилитацијата, меѓу контролата и поддршката, меѓу казната и шансата за нов почеток.
МВР како институција на првата борбена линија во спречувањето на недозволената трговија со дрога, рече министерот Тошковски, е секојдневно сведок на трансформациите и предизвиците кои ги носи овој феномен, од порастот на синтетичките супстанци и нивната достапност, до поврзаноста со организираниот криминал и транснационалните мрежи.
- Но, токму затоа е важно да истакнеме дека борбата против дрогата не се води само со апсења и заплени. Таа се води и со податоци, со научно утврдени политики, со превенција во училиштата, со програми за третман и социјална поддршка, со меѓусебна доверба меѓу институциите, и со постојана комуникација со граѓаните и заедницата, беше дециден министерот за внатрешни работи.
Пред присутните национални експерти, претставници на академската заедница и на граѓанските организации, како и словачки стручњаци за криминалистика, Тошковски потенцира дека на овој форум учесниците слушаат, разменуваат искуства, и најважно, како што рече, е да изградиме политики кои се темелат на европски стандарди, но и на реалните потреби и специфики на нашето општество.
Тој посебно ја поздрави вклученоста на академската заедница, граѓанските организации и меѓународните партнери, без кои, нагласи, ниту една стратегија не може да биде ниту одржлива, ниту ефикасна.
- Како министер за внатрешни работи, останувам посветен на визијата за модерна, одговорна и партнерски ориентирана полиција, која знае дека вистинската безбедност не се гради само со сила, туку со разбирање и системски пристап, рече министерот Тошковски и изрази надеж дека од оваа сесија ќе произлезат конкретни, применливи и стратешки насочени препораки кои ќе помогнат во нашата заедничка мисија – безбедно, здраво и инклузивно општество, достојно за европската иднина што ја градиме.
Инаку, домаќин на денешната сесија на Работната група 4 – Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24) во организација на Европското движење, е Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија. Дијалогот се фокусира на клучните предизвици и можности во процесот на усогласување на македонското законодавство со европските стандарди во областа на политиките за дрога и психоактивни супстанци. Дебатата, исто така, се очекува да ги отвори и прашањата околу механизмите за мониторинг и справување со криминалните активности поврзани со дрогата, како дел од пошироките напори за борба против организираниот криминал, кој е длабоко инфилтриран во оваа област и има значајни општествени последици.
На форумот се очекува да бидат усвоени и повеќе работни препораки меѓу кои: зајакнување на институционалната подготвеност и улогата на Националната комисија за дроги при промени во правниот статус на канабисот, зајакнат надзор врз маркетингот и извозот на канабис произведен од лиценцирани компании, подготовка на инсистуциите за спроведување на законот за справување со организираниот криминал во контекст на зголемено производство на медицински канабис, како и развој на целна стратегија за спречување на трговија со хероин во замена за канабис.
Во препораките се бара и зајакнување на институционалниот одговор на зголемена закана од недозволено производство и трговија со синтетички дроги, зајакнување на регионалната и меѓународна соработка за справување со организираниот криминал со дрога, во согласност со ЕУ практики и безбедносни политики, како и воспоставување системска евалуација како основа за ефективна политика за дроги и третирање на употребата на дрога и зависнота како здравствен проблем во рамки на политиката за дроги.
Ново на Сител
-
Трамп: Разочаран сум и од Русија и од Украина
-
Преживеаниот Британец од Ер Индија: Во ред сум
-
Албанија: Странските директни инвестиции во првиот квартал 362 милиони евра, предничат недвижности
-
УНХЦР: Бројот на бегалци што се враќаат во татковината се зголемува, и покрај глобалните конфликти
-
Над 100 загинати во Газа за 24 часа, комуникациите во целосен прекин
-
Државен секретар на САД упати честитки до Русите по повод нивниот национален празник
-
Иран спроведува воени вежби во услови на тензии со Израел
-
Пронајдени 204 тела од уривањето на авионот на Ер Индија