Трамп: Царините за јужнокорејските стоки ќе се зголемат на 25 отсто

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека ги зголемува американските царини за стоките од Јужна Кореја, вклучувајќи автомобили и фармацевтски производи, од 15 на 25 отсто, јави ДПА.
Трамп напиша на својата платформа Truth Social дека потегот се должи на тоа што „Законодавното собрание на Јужна Кореја не го почитува својот договор со Соединетите Американски Држави“.
„Претседателот Ли Џе Мјунг и јас постигнавме Одличен договор за двете земји на 30 јули 2025 година, и ги потврдивме овие услови додека бев во Кореја на 29 октомври 2025 година. Зошто корејското законодавно собрание не го одобри?“, праша Трамп.
„Бидејќи корејското законодавно собрание не го донесе нашиот Историски трговски договор, што е нивен прерогатив, со ова ги зголемувам јужнокорејските ТАРИФИ за автомобили, дрва, фармацевтски производи и сите други реципрочни ТАРИФИ, од 15 на 25 отсто“, додаде тој.
Кабинетот на јужнокорејскиот претседател во соопштение за медиумите изјави дека досега нема официјално известување или објаснување за деталите од американската Влада, објави агенцијата Јонхап.
Трамп првично се закани со царини од 25 за стоките од Јужна Кореја пред да се договори стапка од 15 отсто во јули и октомври 2025 година.
Јужна Кореја, исто така, минатата година објави дека ќе инвестира 350 милијарди долари во САД во текот на неколку години.
Јужна Кореја извезува голем број автомобили во САД, вклучувајќи ги брендовите Киа и Хјундаи, како и полупроводници и електроника, потсетува ДПА.
МИА
Ново на Сител
-

Поплавени земјоделски површини и дворови во селата Муртино и Сачево, состојбата со водотеците во струмичко се стабилизира
-

Честитка од Мицкоски за Свети Сава: Пораките на овој голем светител нека придонесат за заемна почит, дијалог, мир и стабилност
-

Сиљановска-Давкова: Пораката на Свети Сава за единство и љубов е поважна од кога било
-

Пронајдена дрога во Скопје, лишени од слобода две лица | ФОТО
-

Најмногу дожд во Крива Паланка, најстудено на Попова Шапка
-

Камионските превозниците втор ден го блокираат товарниот сообраќај на граничните премини
-

Франција забрани социјални медиуми за лица под 15 години
-

Мицкоски на увид на инфраструктурни проекти во Општина Гази Баба
