Свет
22. January 2026 - 12:20

Трамп ги спаси европските лидери од носење тешки одлуки, оценуваат бриселските медиуми

Американскиот претседател Доналд Трамп им ја олесни работата на европските лидери на денешниот неформален Самит во Брисел, на кој веројатно никогаш немаше да постигнат договор за „жесток одговор“ кон Вашингтон по заканите за воведување царини и за преземање на Гренланд, оценуваат медиумите во Брисел.

Според „Еурактив“, откако повеќето европски лидери изминатата недела внимателно ги одмеруваа искажаните зборови и избегнуваа какво било споменување на строги трговски контрамерки на ЕУ кон Вашингтон, со својот вчерашен говор во Давос, Трамп ги поштеди од предизвикот да мора да носат тешки одлуки на денешниот Самит.

– Наместо тоа, тие можат да ја поминат вечерта релаксирајќи се, уживајќи во вечерата и зборувајќи за лекциите што мора да ги научат – но, веројатно нема – од една од најлудите недели во поновата историја. Уште подобро, тие можат да тврдат, како што направи синоќа италијанската премиерка Џорџа Мелони, дека нивниот фокус на дијалог, а не на ескалација, ја спаси ситуацијата, заклучува порталот.

„Политико“ оценува дека сè се случи за само неколку часа, темпо на кое можеби ќе треба да се навикнеме во 2026 година.

– Со еден удар американскиот претседател Доналд Трамп ја повлече заканата за насилно одземање на Гренланд од масата и за царини поврзана со ова прашање, тема која се очекуваше да доминира на денешниот вонреден Самит на ЕУ, наведува порталот.

Во освртот натаму се додава дека „возбудливата посета на Трамп на Швајцарија“ ја „претумба“ агендата на денешниот состанок, при што неговиот говорот во Давос им обезбеди „храна за размислување на повеќето, ако не и на сите, земји членки на ЕУ, без разлика дали станува збор за царините или не“.

Медиумите посочуваат дека иако деталите околу договорот што Трамп го постигна со Данска околу Гренланд остануваат оскудни, несомнено важна улога во неговото постигнување одигра генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој, според „Еурактив“, го „жртвуваше и последниот грам самопочит на олтарот на егото на американскиот претседател“.

– Дали таквиот однос ќе биде оценет како стратешки или едноставно понижувачки, ќе биде предмет на дебата од страна на аналитичарите, смета порталот.

„Политико“ пак наведува дека „Марк денеска го спаси светот“, посочувајќи дека првиот човек на НАТО „успеа да постигне некаков договор“.

– Природата на тој договор сепак останува мистерија. Знаеме само дека во него учествувале сите седум сојузници на НАТО од Арктикот за да се осигури дека Русија и Кина никогаш нема да добијат упориште на Гренланд, додава порталот.

Бриселските медиумите оценуваат дека се добива впечаток оти европските институции и дипломати се изненадени од ваквиот развој на настаните и дека никој во Брисел на предвидел ваков пресврт од страна на Трамп.

Првите европски реакции беа дека „денот завршил подобро, од тоа како започнал“, дека „ЕУ е на патот кон деескалација“, дека „притисокот е намален“, но и натаму со доза на скептицизам и со став дека сепак е „неопходен поширок разговор за трансатлантските односи“.

Токму „последните случувања во трансатлантските односи“ беа најавени како главна тема на денешниот Самит, па од таму сега се очекува лидерите да разговараат за нив во „целокупната нивна димензија“.

Олеснети од притисокот да одговорат на заканите на Трамп, лидерите поопуштено ќе можат да се посветат и на прашањето што да прават со Одборот за мир за Газа и како да ги рекалибрираат односите со Вашингтон.

Не може да има никакви преговори за Украина беа учество на Киев, се посочува во текстот на предлог-заклучоците од денешниот специјален Европски совет во Брисел посветен на поддршката на Украи

Според најавите, лидерите ќе се обидат да најадат заеднички одговор на поканата на Трамп за учество во Одборот за мир за Газа. Станува збор за мултинационално тело формирано од страна на Трамп со цел да администрира со Газа, но многумина, вклучително и во Брисел, го сметаат како обид за создавање паралелна структура на Обединетите нации.

Резервите се поврзани и со информациите за наводна уплата на милијарда долари за членство во Одборот, но и поради поканата на Трамп до рускиот претседател Владимир Путин за учество во телото.

Белата куќа најави дека очекува кон Одборот да се приклучат околу 30 земји, вклучително и неколку европски, како и држави од Блискиот Исток, меѓу кои и Египет, Јордан, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Турција, но и Аргентина, Виетнам, Индонезија и Пакистан.

Според дипломатски извори, Франција и Шведска се противат на учество во Одборот во кого гледаат ризик од паралелизам и слабеење на улогата на ОН како главен меѓународен посредник во Газа, а против е и Данска, првенствено поради тензиите околу Гренланд.

Од друга страна, италијанската премиерка Мелони најави дека Италија е „заинтересирана“ за учество во Одборот, но дека не може веднаш да се приклучи поради уставни ограничувања.

Германија, пак, засега останува неодлучна.

Европската комисија потврди дека и нејзината претседателка Урсула фон дер Лајен била поканета да учествува во Одборот, но дека засега не одговорила на поканата во очекување да се постигне единствен став на ЕУ околу ова прашање.