Трамп може да ги казни со царини земјите кои се противат на неговите планови за Гренланд

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска сугерираше дека би можел да воведе царини за земјите кои се противат на неговиот обид да стекне контрола врз Гренланд, повторувајќи го своето тврдење дека на САД им е потребен островот за нивната национална безбедност, пренесе ДПА.
Говорејќи во Белата куќа, Трамп рече дека царините би можеле да се користат против земјите кои се спротивставуваат на неговите планови, без да даде дополнителни детали. Трамп претходно им се закануваше на европските земји, вклучувајќи ги Германија и Франција, со царини во други спорови за да ги унапреди интересите на САД.
Повторените забелешки на американскиот претседател за преземање контрола врз арктичкиот остров предизвикаа значителен немир во рамките на НАТО. Европските сојузници силно го отфрлаат овој потег и сега бараат зајакнување на безбедноста околу Гренланд, главно автономна територија која е дел од Кралството Данска.
Неодамнешните кризни разговори меѓу САД, Данска и Гренланд не успеаја да ги намалат разликите. Трамп тврди дека американската контрола врз Гренланд е неопходна за да се спречат Русија и Кина да го прошират своето влијание во регионот.
Неколку европски членки на НАТО, вклучувајќи ги Германија, Франција и Велика Британија, испраќаат мали воени тимови во земјата за да ја испитаат способноста на НАТО за одбрана на арктичкиот регион како дел од извидувачка мисија предводена од Данска.
Американската влада првично го минимизираше ова распоредување. Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит вчера изјави дека движењата на европските трупи нема да влијаат врз донесувањето одлуки на претседателот или неговата цел за обезбедување контрола врз Гренланд.
МИА
Ново на Сител
-

Радев: Одиме на избори
-

„Стоп за Усје“ повторно на блокада во среда
-

Трамп вели дека ја поддржува „новоназначената палестинска технократска влада“ на Газа
-

Научно истражување: Апликациите за откажување од пушењето покажуваат висока ефикасност
-

Мачадо му ја подари Нобеловата награда за мир на Трамп
-

Фалангата со Македонска песна по 2 400 поминати километри со автобус стигна во Данска
-

Најстудено и утрово во Берово, 24 сантиметри снег на Попова Шапка
-

Зеленски: Украина никогаш не била и нема да биде пречка за мирот
