Трамп најави нови царини на лекови, камиони, мебел
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека од 1 октомври САД ќе воведат 100 проценти царини на увоз на брендирани лекови, 25 проценти царини на тешки камиони, 50 проценти царини на кујнски елементи, додека за тапациран мебел тие ќе изнесуваат 30 проценти.
Тој изјави дека новите царини на тешки камиони имаат за цел да ги заштитат производителите од „нечесна странска конкуренција“ и дека овој потег ќе им користи на компании како Peterbilt, Kenworth и на Freightliner во сопственост на Daimler. Во контекст на заканите за американското производство, Трамп изрази и загриженост за националната безбедност.
– Ни требаат финансиски здрави и силни производители на камиони, од многу причини, но пред сè поради националната безбедност, рече Трамп.
Американската стопанска комора апелираше да не се воведуваат нови царини на камиони, нагласувајќи дека петте земји извознички – Мексико, Канада, Јапонија, Германија и Финска – се сојузници или блиски партнери на САД и не претставуваат закана за националната безбедност.
Мексико е најголем извозник на средни и тешки камиони во САД, а царините би можеле да ја погодат и матичната компанија на Chrysler, Stellantis, која во Мексико произведува Ram камиони и комерцијални комбиња. Пример е и шведската група Volvo, која гради фабрика за тешки камиони вредна 700 милиони долари во Монтереј, Мексико, што треба да почне со работа во 2026 година.
Мексико, исто така, е водечки светски извозник на влечни возила, од кои 95 проценти се наменети за американскиот пазар.
Во однос на лековите, Трамп рече дека новата царина од 100 проенти на секој брендиран или патентиран фармацевтски производ ќе се применува на целиот увоз, освен ако компанијата веќе нема почнато изградба на производствен погон во САД.
Претходно, Американската асоцијација на производители на лекови се спротивстави на царините, истакнувајќи дека 53 проценти од состојките во вредност од 85,6 милијарди долари што се користат во лековите консумирани во САД се произведени во земјата, а остатокот во Европа и други американски сојузници.
Во врска со новите царини на кујнски, бањски и дел од друг мебел, Трамп изјави дека тие се предизвикани од огромното ниво на увоз што им штети на локалните производители.
МИА
Ново на Сител
-
ДЗС: Целосно изгаснат пожарот во депонијата во Арачиново
-
Руте се потсмева со Русија: Мечката не мора на сите да им кажува дека е мечка, тоа се гледа во секој случај
-
Од денеска казни за пешаците и возачите што користат мобилни и други електронски уреди во сообраќајот
-
Алиу: За два дена прегледани над 200 лица во рамки на скринингот во Трубарево
-
Ли: Кина и САД мора да пронајдат вистински начин за соработка во новата ера
-
Медиуми: УЕФА идната недела ќе донесе конечна одлука за евентуална суспензија на Израел
-
Пожар во близина на депонијата кај Арачиново | ФОТО
-
Лавров ги обвини НАТО и ЕУ дека водат „вистинска војна“ против Русија