Свет
30. April 2026 - 8:43

Трамп размислува за намалување на американскиот воен контенгент во Германија

Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека размислува за намалување на бројот на американските војници стационирани во Германија.

Таа најава следува по неговата вербална расправија со германскиот канцелар Фридрих Мерц во врска со политиката кон Иран.

„Соединетите Американски Држави во моментов ја разгледуваат можноста за намалување на нашето воено присуство во Германија. Одлуката ќе биде донесена многу скоро“, напиша Трамп на својот профил на „Truth social“.

Во 2024 година во Германија биле распоредени повеќе од 35 илјади американски војници, додека според германските медиуми нивниот број во моментов е приближно 50 илјади.

И двата претседателски мандати на Трамп беа обележани со отворени критики кон НАТО, како и со најави за намалување на американското воено присуство во Германија и во други европски земји.

Изјавата доаѓа еден ден откако Трамп упати критики кон Мерц, обвинувајќи го дека „не знае што зборува“ во однос на Иран, откако германскиот канцелар претходно оцени дека Вашингтон нема јасна стратегија и оти Техеран ги понижува САД.

По размената остри зборови, американскиот државен секретар Марко Рубио телефонски разговарал со германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул. Во разговорот станало збор за состојбата со Иран и за потребата од обезбедување слободна пловидба низ Ормуската Теснина.

Во меѓувреме, Мерц се обиде да ги ублажи тензиите, нагласувајќи дека односите со Трамп остануваат добри и покрај несогласувањата околу Иран.

 

МИА