Трамп сака да ја поврати контролата врз воздухопловна база Баграм во Авганистан
Американскиот претседател Доналд Трамп, вчера на прес конференцијата со британскиот премиер Кир Стармер, навести дека сака да ја врати воздухопловната база Баграм во Авганистан под контрола на САД, четири години по повлекувањето на американските трупи од земјата.
Пред Стармер тој даде изјава за овој план што го споменуваше и претходно, но кој, се чини, сега доаѓа во центарот на неговото внимание.
- Ја сакаме назад таа база, рече Трамп за време на заедничката прес-конференција, наведувајќи ја нејзината стратешка локација. „Тоа е на еден час лет од местото каде што Кина го произведува своето нуклеарно оружје“.
Коментарот на Трамп се случи ден пред тој да разговара со кинескиот претседател Си Џинпинг, додека Вашингтон и Пекинг продолжуваат со трговските разговори што би можеле да го отворат патот за нивната средба во октомври.
Иако Трамп водеше трговска војна со Кина, неговата администрација се воздржа од преземање строги мерки против Пекинг, за кои експертите велат дека се неопходни за да се одговори на растечката безбедносна закана што ја претставува за САД, пишува Фајненшл тајмс.
Кина во последните години брзо ги проширува своите нуклеарни сили, што предизвикува загриженост во Вашингтон дека САД наскоро ќе имаат работа со друга нуклеарна сила еднаква на Русија.
Пентагон минатата година објави дека Народноослободителната армија на Кина го зголемила својот нуклеарен арсенал на 600 боеви глави до средината на 2024 година, што е годишен раст од 20 проценти.
Враќањето на Баграм под контрола на САД би барало преговори со владата на талибанците, која управува со Авганистан откако Америка целосно се повлече во август 2021 година.
Адам Болер, претставникот на Трамп за заложници, и Залмај Калилзад, кој беше главен преговарач на САД со талибанците од 2018 до 2021 година, во последните месеци направија повеќе патувања во Кабул.
Двајцата неделава отпатуваа во главниот град на Авганистан на разговори со шефот на дипломатијата на талибанците, Амир Кан Мутаки, за да преговараат за размена на затвореници.
Министерството за надворешни работи на талибанците објави дека разговорите вклучувале „инвестициски можности и други перспективи во Авганистан“, додавајќи дека „сега е отворена можност за нормализација на односите“.
За време на првиот состанок на кабинетот од неговиот втор мандат во февруари, Трамп рече дека неговиот план за повлекување на трупите од Авганистан вклучува задржување на контролата врз Баграм и стационирање мала воена сила.
За време на неговиот прв претседателски мандат, Трамп постигна договор за повлекување од Авганистан, така што неговиот наследник, Џо Бајден, ќе ги продолжи тие планови. Повлекувањето на војската беше хаотично бидејќи авганистанската влада се распадна откако талибанските сили напредуваа побрзо од очекуваното и ја презедоа контролата врз главниот град Кабул.
МИА
Ново на Сител
-
Во наредните денови свежи утра, а преку ден сончево и топло до 33 степени
-
Лебот нема да поскапи
-
Во уште една земја-членка на НАТО пронајдени остатоци од руски дрон
-
Пријавена епидемија на труење со храна во Куманово
-
Притвор од 30 дена за првосомничениот за пожарот во Трубарево, останатите тројца во куќен притвор
-
Во Трубарево нема надминување на граничните вредности на ПМ честички
-
Полицајци со калашникови во прилепската болница откако две групи се обиделе да се пресметаат | ВИДЕО
-
Под неисправно возило во Дебар пронајдено оружје и муниција