Македонија
26. August 2025 - 20:53

Трендафилов: Загрижува што нема договор за зголемување на минималната плата

Борбата за зголемување на минималната плата, не е борба против Владата или за затоврање на компаниите, туку е борба за егзистенција за работниците, вели претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Слободан Трендафилов.

Според Трендафилов, загрижува тоа што нема договор за зголемување на минималната плата, а не смее ниту да има до завршување на локалните избори.

Тој во интервју за Канал 5, предупреди дека секоја година се повеќе граѓани се иселуваат и бројот на вработени се намалува и дека не треба да се доведеме во ситуација, како што вели „заради алчноста или самобендисаноста на една од страните или на две од страните наспроти третата“ работниците да трпат и да заминат од земјава.

-Од почетокот на годината до сега сме одржале 14 протести и два штрајка за плати, не сме имуни на огранизирање на нови и тоа сме им го кажувале на сите власти до сега, но се надеваме дека ќе наидеме на разбирање и преку дијалог ќе дојдеме до повисоки плати, вели првиот човек на ССМ.

Според него доколку и пратениците навистина се грижат за работниците, тогаш може уште веднаш да донесат измени и дополнувања на законот за минимална плата и тоа да се применува по завршување на локалните избори.

Последното зголемување на минималната плата во 2022 година, нагласува Трендафилов, е извојувано на улица и како ССМ велиме „не не буткајте на улица, дајте да седнеме да се договориме“ за зголемување на платите.

-Но, кога немате апсолутно никакво разбирање од спротивната страна, кога едните велат „договорете се вие со работодавачите“, а работодавачите ви велат „како да се договориме ние се вас“ и тоа е еден круг што е на штета на 167 илјади вработени во државата, вели Трендафилов. 

Според него, најголеми виновници се креаторите на политиките, работодавачите и Парламентот и тие треба да им објаснат на работниците зошто дозволуваат тоа да се случи. 

-Ако имате 510 илјади работници во државата, наспроти 60 илјади работодавачи, кои патем не сите имаат проблем со исплаќање на платата на работниците. Од таа гледна точка, сметаме дека со незголемувањето на минималната плата и неприфаќање на предлогот, директно оштетуваат 167 илјади работници во државата кои според  УЈП се со примања под 30 илјади денари. Тоа е огромна бројка, една третина од вкупниот број работници во државата, изјави Трендафилов.

Како аргументи, Трендафилов го посочи тоа дека синдикалната кошница, која ја пресметува ССМ не може да се покрие со две минимални плати. Делот за храна и пијалаци за едно четиричлено домаќинство, додава тој, е еднаков на една минимална плата, и посочува дека минималната плата во Србија од октомври ќе изнесува 500 евра, во Црна Гора е 600 со 800 евра, додека во Босна и Херцеговина 511 евра.

Нема изговор за незголемување на платите, вели Трендафилов, но нагласува дека не може само три, пет или седум ијлади луѓе, колку што биле на последниот протест на 1 Мај да извојуваат зголемување на минималната плата.

-160 илјади работници не знаеме што чекаат на овие седум илјади да се изборат за нив, или 509 илјади работници вкупно во државата да очекуваат дека 63 илјади членови на ССМ сами ќе се справат и со Владата и со работодавачите. Тоа се многу фронтови и поддршката е потребна од сите синдикати и од сите работодавачи, вели Трендафилов.

 

МИА