Loading Video...
Свет
15. јуни 2025 - 16:34

Трет ден конфликт меѓу Израел и Иран, Трамп и Путин ја оценија состојбата како „многу алармантна“

Трет ден од конфликтот меѓу Израел и Иран. Најмалку 13 лица загинаа, од кои три деца, а повеќе од 140 се повредени од ирански ракети што погодија домови во северен и централен Израел. Направена е значителна материјална штета. Израелските спасувачки екипи со фенери и кучиња ги пребаруваа урнатините барајќи преживеани.

„Мислам дека треба да ставиме крај на оваа ситуација, на еден или друг начин, на што и да е потребно, САД, Израел, Иран, целиот Блиски Исток. Доста е“ – жител на Реховот, Израел.

Израелскиот премиер Нетанјаху денеска направи увид во направената штета. На Иран му порача дека ќе плати „многу висока цена“ .

„Тука сме затоа што сме во егзистенцијална војна која сега е разбирлива за сите граѓани на Израел. Помислете што би се случило ако Иран имаше нуклеарно оружје за да слета врз израелските градови, помислете што би се случило ако Иран имаше 20.000 такви ракети, не една, туку 20.000 од нив како егзистенцијална закана за Израел“ – Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Иранскиот министер за надворешни рече дека Техеран одговарал на странска агресија и дека ако оваа агресија престане, ќе престанат и иранските реакции.

„Не сакаме овој конфликт да се прошири освен ако не ни е наметнат. Не сакаме овој конфликт да се прошири во други земји и во регионот. Не ја сакавме оваа војна“ -  Aбас Аракчи, министер за надворешни работи на иран
Во меѓувреме, Иранското Министерство за нафта потврди дека две нафтени складишта во Техеран биле погодени од израелски напади. Жителите слушнале две силни експлозии. Дали има загинати и повредени, засега е непознато.

Иранците изразија благодарност до вооружените сили.

„Порано нè нарекуваа терористи, па што? Сега дури и Америка и Велика Британија треба да се плашат од нас. Нека се плашат, бидејќи како што вели поговорката, ние повеќе нема да се криеме под притисок“ – жител на Техеран, Иран

Од друга страна, Израелската армија попладнево издаде наредба за евакуација на иранските граѓани во близина на воени локации и објекти за оружје.

„Итно предупредување до сите лица кои моментално се или наскоро ќе бидат во или во близина на воена опрема, фабрики за производство и нивни помошни објекти во Иран. Со почит ве молиме веднаш да ги евакуирате овие области за да го заштитите вашиот живот и безбедност и да не се враќате на овие локации до понатамошно известување“ - Камал Пинхаси, портпарол на израелската армија 

Трамп рече дека конфликтот може лесно да се реши, но не кажа како ќе се направи тоа. Воедно го предупреди Иран да не напаѓа никакви американски мети.

„САД нема никаква поврзаност со нападот врз Иран, вечерва. Доколку бидеме нападнати на кој било начин, облик или форма од страна на Иран, целата сила и моќ на Вооружените сили на САД ќе се сруши врз вас на нивоа кои никогаш досега не се видени“ – Доналд Трамп, претседател на САД

Трамп и Путин телефонски разговарале за состојбата на Блискиот Исток. Двајцата лидери ја оцениле ситуацијата како „многу алармантна“ поради можната ескалација, што би имала непредвидливи последици за целиот регион.

Најголемиот германски автомобилски клуб ги повика граѓаните да ги наполнат резервоарите на своите автомобили поради поскапувањето на горивото. Оттаму велат дека цените допрва ќе одат нагое и ќе ги погодат возачите и затоа препорачуваат секој да се снабди со нафта „на време“.

Израел го започна својот најголем воен напад врз Иран во петокот, велејќи дека неговата цел е да го спречи Иран да развива атомско оружје и да ги уништи неговите балистичките ракетни капацитети.