Македонија
22. May 2016 - 16:49

Три поголеми и серија помали земјотреси вчера во Македонија, сеизмолозите тврдат дека нема место за паника

Ова се трите земјотреси кои беа регистрирани вчера доцна попладне во Македонија. Епицентрите се на 90 километри југозападно од Скопје на подрачјето на Илинска – Плакенска Планина, на длабочина од 15 километри.  Потреси освен во главниот град беа почувствувани и во Штип, Валандово, Битола, Охрид и Крушево.

-Три од овие земјотреси беа почувствувани и тоа првиот во 18 часот и 33 минути и беше со магнитуда од 4,7 степени според Рихтеровата скала и вториот земјотрес во 18 часот и 41 минута  со магнитуда од 4,8 степени според Рихтеровата скала. Двата земјотреса беа почувствувани во епицентарот со интензитет од VI степени според Европската макро-сеизмичка скала–1998, а во Охрид и Крушево со интензитет од V-VI степени, Прилеп, Битола и Дебар со V степени, Гостивар, Тетово, Скопје, Велес, Св.Николе со IV степени според истата скала, изјави Драгана Черних, сеизмолог во Сеизмолошка опсерваторија при Природно-математичкиот факултет

 Во текот на вчерашната вечер имало и серија помали постреси, но тие не се почувствувани. Утринава жителите на Источна Македонија беа вознемирени од нов земјотрес со епицентар во близина на Сандански, Бугарија. Сеизмолозите уверуваат дека нема простор за паника. Бидејќи епицентралното подрачје на вчерашните земјотреси во земјава не се карактеризира со многу силни потреси.

-Според историските податоци и инструменталните податоци со кои располага сеизмолошката опсерваторија земјнотрес со поголема јачина не се очекува од оваа епицентрално подрачје, бидејќи сплетот на раседи во оваа подраќје не дава таква магнитуда на семјотреси, изјави Драгана Черних, сеизмолог во Сеизмолошка опсерваторија при Природно-математичкиот факултет.

Од сеизмолошката опсерваторија при ПМФ тврдат дека земјотресите не се последица ниту на големите поплави и поројните дождови кои изминатиот период ја зафатија Македонија, бидејќи длабочината до која допира водата се мери во метри до километар, а епицентралното подрачје на овие земјотреси  е десетина пати подлабоко.