Свет
9. March 2026 - 8:43

Турција го продолжи периодот на откажување летови до голем број дестинации на Блискиот Исток

Летовите на турските авиокомпании „Туркиш Ерлајнс“, „АЏет“, „Пегасус“ и „СанЕкспрес“ до Ирак, Сирија, Либан и Јордан се откажани до 13 март, објави вчера турскиот министер за транспорт Абдулкадир Уралоглу на платформата „X“.

Тој прецизираше дека закажаните летови до Доха, Дубаи, Кувајт, Бахреин, Абу Даби и Дамам се откажани за истиот период.

Компанијата „Пегасус“ го отстрани Иран од својот распоред до 12 март, а „Туркиш Ерлајнс“ – до 20 март.

Ова е уште едно продолжување на откажувањето на летовите меѓу Турција и земјите од Блискиот Исток поради тековната воена ескалација во регионот на Персискиот Залив и Либан. 

МИА