Турската бања во Прилеп стана опасност за граѓаните, делови од ѕидот секој момент може да се урнат
Турскиот амам или бањата во Прилеп која што е Споменик на културата заштитен со закон и која со години се распаѓа, сега стана опасност и за граѓаните. Поради тоа што делови од нејзините ѕидови започнаа да да се уруваат на троатоарот на булеварот „Гоце Гелчев“, Заводот и музеј Прилеп го огради овој дел и го забрани движењето.
Бањата иако е Споменик на културата таа со денационализацијата во 90-тите години е вратена на старите сопственици, семејството Бањаровци, од кои објектот и околниот простор во 2009 година го откупува семејството Момироски.
„Од направениот увид врз објектот на лице место, стручниот тим констатира дека постои опасност од паѓање на делови од ѕидот направен од печени тули, од крајниот дел на неговата северна страна, на спојот со ново изградениот објект на спортската обложувалница. Со што претставуваше директна закана на минувачите во пешачката зона, затоа се констатира дека мора да се излези на терен. Поставивме ограничување на просторот на врвење на пешачката зона. И поставивме знаци од опасност од паѓање за да не се движат самите пешаци. Понатаму се изготвува извештај кој ќе биде доставен до Управата за заштита на културното наследство и до сопственикот“, изјави Мимоза Христоска, директор на Завод и музеј Прилеп.
Го контактиравме и сопственикот Антонио Момироски кој истакна дека сакаат објектот комплетно да се ревитализира во автентичен стил, но целиот проект бил заглавен веќе 16 години во лавиринтите на институциите. Неофицијално проблем е бетонската доградбата која што е направена до бањата, како и околните објекти, кои што ги има и кои се во план да се градат.
Засега бањата во Прилеп во вистинско светло ја прикажува негрижата на државата кон ваквите објекти. Бањата пропаѓа со деце нии, на неа растат дрвја и трева и прашање на време е само кога комплетно ќе се урне.
Од друга страна пак никој не го отворил јавно прашањето како е можно споменик на културата да се денационализира и да се врати во приватна сопственост, наместо сопственикот да биде обештетен на друг начин.
Во моментов што понатаму со бањата главниот одговор треба да го даде Управата за заштита на културно наследство.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар
