Умот не ми даваше дека е мртов, потресно сведоштво на мајка на судењето за трагедијата во Пулс

Со сослушување на сведоци законски застапници на оштетените денеска во судницата во Идризово при Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Прва сведочеше мајката на починатиот 24-годишен Андреј, која низ солзи одговараше на прашања од Обвинителството. Пред таа кобна вечер, рече дека биле просечно нормално скромно семејство, а сега само преживуваат.
Нејзиниот син Андреј, како што објасни, работел како келнер во ресторан и на 16 март бил ангажиран на помош во дискотеката „Пулс". Газдата Дејан Јованов, ноќта на несреќата во 1 часот, исто така, на испомош во „Пулс“, бидејќи имало многу гости, го повикал и помалиот син Кристијан. Во пожарот таа кобна вечер го загубила Андреј, а Кристијан, како што рече, се уште се обвинува што не успеал да го спаси брат му.
-Со Андреј последно се чув во 6 часот. Ми кажа дека после работа во ресторанот бил викнат на испомош во дискотеката „Пулс“, но дека е уморен и може нема да оди. Но, не се чув после, изјави мајката.
Вечерта кога слушнала сирени, околу 3 часот им ѕвонела на двајцата синови, но не ги добила, па со сопругот се упатиле кон дискотеката. По пат прашувале, дали ги виделе нивните синови, и еден од другарите им кажал дека Кристијан го виделе, но Андреј не.
Кога стигнале сопругот влегол внатре да ги бара, а таа останала надвор и викала по Андреј, по што и кажале дека Андреј и Кристијан со брза помош биле пренесени во болница, каде се упатиле и тие. Тогаш, како што рече мајката, тоа што се однесени во болница ми влеваше сигурност дека ќе им биде укажана помош и уште не ја разбирав сериозноста.
Кога стигнала пред болницата, таму ја дочекал уште поголем ужас со полни ходници повредени и растрчан медицински персонал.
Во болницата го нашла помалиот син Кристијан, кој и кажал дека не успеале да го спасат брат му Андреј, но таа не верувала и влегла во собата каде бил Андреј.
- Немаше изгореници. Андреј изгледаше толку живо што докторите не знаат што зборуваат. Почнавме да му даваме вештачко дишење. Не можев да се помирам со тоа, умот не ми даваше дека е мртов. Му реков на сопругот оди барај други доктори, мора да ми го вратат. Го прегледа доктор и рече дека нема пулс, дека почнува да се лади, сведочеше низ солзи мајката.
Тогаш уште не ја разбирала сериозноста на состојбата и бројот на жртвите, иако во собата имало уште две деца кои биле починати. Од МВР им рекле дека треба да излезат и ако има нешто ќе ги известат. Потоа од болницата им кажале дека децата се однесени на обдукција во Скопје, што рече било преголем шок и првично протестирале, но потоа откако им објасниле се согласиле.
-Тие денови не знам како ги поминав. Цело време бев со инекции и лекарства, изјави мајката.
Помалиот син, Кристијан кога избувнал пожарот бил надвор на цигара, и немал повреди, но како што рече мајката бил изреволтиран и лут и бидејќи влегувал во дискотеката да го бара брат му, морал да биде прегледан.
-Тој тие трауми што ги поминал во амбулантата кола. Психичката состојба му беше многу лоша и ден денеска е лоша, бидејќи се обвинуваше што не успеал да го спаси брат му. Кристијан до ден денеска има кошмари и ја преживува таа вечер, сведочеше низ солзи мајката.
Сега, мајката рече дека преживуваат на некој начин и животот и е поделен пред и по 16 март.
-Секое сабајле станувам и се соочувам со реалноста, со празнината, со загубата. Знаеш дека ништо не можеш да смениш, но се прашуваш зошто, зошто тој не можеше да се спаси. Сега дури сум љубоморна на една личност, што е најодговорна за тоа што се случи, што неговиот син е покрај него, а мојот никогаш нема да се врати, изјави таа.
По нејзиниот исказ, судот даде пауза.
На денешното рочиште треба да бидат сослушани уште двајца сведоци, законски застапници на оштетените.
На минатото рочиште почна доказна постапка, со сослушување на сведоци на предлог на обвинителството. Прво сведочеше сопственик на авто-лимарски сервис лоциран веднаш до дискотеката кој зборуваше за реновирањето на „Пулс“ од неговата перспектива како сосед на објектот, како и за трагичната ноќ кога објектот беше зафатен од пожар.
Сите обвинети на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни за трагедијата во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Некои од нив изразија сочувство кон семејствата на жртвите, но останаа на ставот дека не сториле „тешки дела против општата сигурност“.
На почетокот на процесот, во воведното излагање, обвинителот Борче Јанев истакна дека судењето е чекор кон утврдување на лична и институционална одговорност, нагласувајќи дека општеството мора да се соочи со вистината – кој дозволил, кој молчел и кој не спречил да се случи трагедијата во „Пулс“. Тој порача дека не е важно само кој го запалил огнот, туку и кој имал можност да го спречи, посочувајќи дека трагедијата не е резултат само на пиротехниката, туку на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и недостиг на контрола што ја претвориле дискотеката во „смртоносна стапица“.
Јанев нагласи дека се бара правда, не како одмазда, туку како последица на незаконитост и занемарена должност. Повеќемина обвинети, преку своите адвокати, ја оспорија основаноста на обвинението. Нивните одбрани тврдат дека обвинетите не презеле дејствија што би можеле да доведат до пожарот, дека поседувале валидна документација и дека трагедијата е резултат на институционални пропусти, а не на индивидуална вина. Одбраната најави изведување докази и сведоци што, според нив, ќе ја потврдат оваа теза.
Во воведен збор, одбраната на првообвинетиот сопственик на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов, истакна дека и по девет месеци притвор не може да поверува во трагедијата и дека како родител никогаш не би дозволил небезбедни услови во клубот. Неговиот син, третообвинетиот Михаил Јованов, преку одбраната тврди дека против него нема ниту еден доказ и дека е обвинет само затоа што е член на семејството Јованови.
На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.
МИА
Ново на Сител
-

Ѓоковиќ: Целта ми е настап на ЛОИ 2028
-

ГП Евзони (Богородица) затворен за сообраќај на сите видови возила
-

Лавров тврди дека Украинците ја нападнале резиденцијата на Путин, Зеленски негира
-

Во БиХ усвоена одлука за легализација на канабисот за медицински цели
-

Македонска Каменица прогласи тридневна жалост поради смртта на сограѓанка
-

Таткото на прегазената Теодора: Барам иста правда за сите, зарем животот на мојата ќерка вредеше само 2 години?
-

Повисоки плати, нов концепт за матура, ѕид на срамот - Јаневска на брифинг со новинарите за плановите за 2026 година
-

Меморандум за претставување на Скопје како европски културен центар во 2028 година
