Македонија
9. January 2022 - 16:42

Уште една иницијатива за измени на протоколите во училиштата

Актуелните мерки и протоколи  за заштита од корона вирусот кои се применуваат во училиштата се неуставни, со нив се кршат одредени закони но и меѓународни конвенции, предупредуваат од здружението Слобода и правда од Струмица. Според нив нејасно е врз основа на која законска процедура тие протоколи се применуваат и дали за тоа има одлука на училишните одбори. За сето ова веќе ги известиле струмичките училишта и побарале детални информации за примената на ваквите одлуки.

„Да не известат дали училишните одбори како органи на училиштето ги донесуваат протоколите и врз основа на тоа ги применуваат, а доколку не врз основа на која законска процедура се применуваат протоколите во училиштата. Во моментов преведуваме и научни студии во кои има докази дека маските го загрозуваат здравјето на децата, но исто така не штитат од вируси, вели Лидија Панова, овластено лице за ЗГ „Слобода и правда“.  

Според здружението има голем број прашања поврзани со вирусот, а на кои јавноста нема конкретни одговори и токму затоа врз основа на законот за слободен пристап до информации тие решиле да ги побараат од релевантни институции. Велат тие информациите биле многу значајни бидејќи од нив зависела и одлуката за примена на мерките и протоколите.

„Бараме да ни се дадат одредени докази како на пример дали вирусот е изолиран, дали маските пружат заштита од вируси, дали вакцината претставува соодветен одговор на целата оваа прогласена пандемија и други докази и факти кои што до сега на јавноста не и се разјаснети. Друго што имаме поднесено е барање до агенцијата за лекови и медицински средства од која исто така бараме докази на пример за ефикасноста на вакцините, вели Панова.

Освен до институциите, здружението најавува и дописи до сите парламентарни политички партии од кои ќе бараат да се изјаснат дали со актуелните мерки и протоколи не се загрозени човековите права. Во меѓувреме членовите на здружението заедно граѓаните кои се дел од иницијативата што не ги поддржува ковид мерките секоја недела продолжуваат со протестните каравани низ улиците на Струмица.