Македонија
20. July 2025 - 13:10

Успешно евакуиран повреден планинар кај камењарот на Пелистер

Спасувачки тим предводен од раководителот Петар Нолев изврши успешна евакуација на повреден планинар кој утрово се повредил на локацијата кај камењарот на планината Баба, под врвот Пелистер.

Во изјава за МИА, раководителот на спасувачкиот тим Петар Нолев, истакна дека акцијата беше брзо и професионално изведена, откако беше активиран тимот за заштита на планини на Дирекцијата за заштита и спасување.

-Акцијата за спасување, односно евакуирање на македонскиот средовечен планинар ја реализиравме со соработка со наша четирчлена екипа оспособена за спасување на лица во планина и со поддршка на професионалци од ЈУ Национален парк „Пелистер“, Центар за управување со кризи и полициски службеници од МВР. Повредениот планинар го лоциравме кај камењарот, на исклучително тежок терен. Акцијата се одвиваше повеќе од еден час и успешно заврши, а планинарот со хеликоптер беше пренесен во Битола, а потоа и во здравствена установа за укажување лекарска помош, посочи Нолев.

Како што претходно извести МИА, утрово на Пелистер повреден македонски планинар побарал помош која Дирекцијата за заштита и спасување ја обезбеди со директен ангажма и со поддршка од полициски хеликоптер и специјалци од полициските сили Тигри.

 

МИА