Македонија
17. September 2025 - 16:30

Уставниот суд не поведе постапка за упатството на ДИК

Упатството со кое им се даде можност за кандидатури на независните останува - Уставниот суд одлучи да не поведе постапка по иницијативата со која се оспоруваше одлуката на ДИК. Иако со спротивставени ставови, мнозинството уставните судии сепак смета дека поради непостапување на парламентот,а по создавањето на правната празнина на Уставен, Комисијата согласно важечки одредби донела ново Упатство.

Доколку Дик не постапел вака, тоа ќе значело погазување на одлуките на Уставниот суд, смета претседателот Дарко Костадиновски. 

Наспроти ставот на мнозинството, дел од судиите сметаа дека правилникот на Комисијата нема правна сила бидејќи не е објавен во службен весник и не е пропис и никој друг орган освен Собранието, не може да носи акти кои регулираат ваква материја.

Дел од овие тврдења се поклопуваат и со наводите на Светскиот македонски конгрес и Стефче Стојанов како поднесувачи на иницијативите според кои ДИК направила повреда на ИЗ и се ставила во улога на законодавец. 

Уставниот суд во мај донесе одлука со која беше укинат минималниот праг на собирање потписи за учество на независните кандидати на локалните избори. Костадиновски вели дека тоа што Парламентот не донесе измена на ИЗ за да се пополни правната празнина може да се толкува како максимална либерализација на можноста за кандидирање. 

Откако собранието не успеа да постигне консензус за да се регулира ова прашање, ДИК повикувајќи се на чл61 и 63 од Изборниот законик донесе Упатство со кое дозволи со најмлаку два  потписа да се стане кандидат за градоначалник или советник.