Македонија
23. April 2023 - 16:34

Утре ќе се носат одлуки за два случаи од здравството кои ја вознемирија јавноста

Утре се очекува да биде објавен извештајот на стручната комисија за случајот со родилката која го загуби бебето кратко по породувањето во битолската болница. Специјалисти од Скопје предложени од министерот за здравство пред 10-тина дена направија надзор за да видат дали биле почитувани медицинските протоколи. Претходно ДСЗИ констатираше пропусти и најави прекршочни пријави за гинекологот, директорот и установата. И младата жена која остана без новороденчето на социјалните мрежи ја сподели голготата низ која поминала обвинувајќи за непрофесионалност, ривалство и дрско однесување на доктори во Клиничката болница Битола. И за овој случај како и за малата Јана обвинителството се уште ги чека обдукциските наоди кои треба да ги утврдат причините за смртта и дали има основи за понатамошни постапки.

Во меѓувреме за анестезиологот од Тетово кој снимаше и објавуваше пациенти и медицински персонал на Тик Ток експресно за 1 недела е поднесено обвинение и му се заканува затвор и до 8 години. Случајот утре повторно ќе го разгледува и Судот на честа при Лекарската комора и доколку не поднесе жалба ќе одлучат на колку време ќе му биде одземена лиценцата.

Трите случаи во здравството кои се актуелни последниот месец со внимание ги следи и Јилдз Веапоска родилката од Дебар која пред 2,5 години остана без три органи. Во судскиот процес обвинети се тројца доктори, но рочиштата постојано се одложуваат, а во јуни ќе помине една година откако почна судењето.

-Како што имав на почпетокот надеж дека ќе има судска разврска, сега не ја имам таа надеж и не верувам дека ќе има за мојот случај разврска, иако ги имеме сите докази за докторите. Повик до министерот за здравство како што имаше разрешница за анестезиологот така да има и за нас и нашите посериозни случаеви. Јас останав без органи, половина човек и треба да им се одземат лиценците и на тие доктори кои мене ме оставија без органи, изјави Јилдз Веапоска од Дебар.

Според податоците од Лекарската комора досега само на двајца доктори по правосилна судска одлука трајно им се одземени лиценците  поради сторени тешки дела по здравјето на луѓето, а други двајца времено останале без дозволите за работа.