Свет
6. August 2025 - 21:16

Утре стапуваат во сила новите царини на Трамп

Утре стапуваат во сила новите царини од Трамп. Македонските производи ќе се царинат со 15% при увоз во САД. Американскиот претседател ја преполови стапката за земјава од првичните 33% и сега сме на исто ниво со Европската Унија.

Од сојузот на стопански комори велат новите царини нема да се одразат сериозно врз македонската економија.

„Најголем трговски партнер ни е нас Германија. Најголем извоз имаме ние таму, и околните земји Грција, Србија, Бугарија, мислам дека тоа во однос на САД, односно 15% трговската маржа нема да се одрази сериозно врз економските случувања тука кај нас“ – изјави Горан Ѓорѓиевски, потпретседател на ССК.

Според податоците на државна статистика, размената на Македонија со САД, лани изнесувала околку 314 милиони долари. Притоа, извозот од Македонија во САД бил нешто над 118 милиони долари, а оттаму биле увезени производи за близу 196 милиони долари.

И премиерот Мицкоски и директорот на царинската управа Николовски се на став дека 15% царини не е финална бројка. Преговорите со американската администрација за пониски стапки продолжуваат после годишните одмори. Очекувањата се да царините да се спуштат до 10%.

Дека ништо не е готово потврдува и последната одлука на Трамп – денеска издаде извршна наредба со која се воведува дополнителна царина од 25% за Индија зашто купува руска нафта. Тоа ќе ја зголеми вкупната царина за увоз од Индија на 50%, една од највисоките што ги воведоа САД.

Од европските земји, најпогодена е Швајцарија, со стапка од 39%. Ова предизвика голем шок во земјата која се смета за главен извозник на фармацевтски производи, часовници, машини и чоколади во Америка.

Од регионот, пак, српските производи ќе се царинат со 35, а оние од Босна и Херцеговина со 30%.

Земјите кои ги нема на списокот од Белата куќа, меѓу кои се и Црна Гора и Албанија, имаат царина од 10 отсто.

На предлог на Владата, македонското собрание летово изгласа измени со кои од 1 јули се укинати царините за увоз на американски стоки во земјава.