Вакцинацијата против грип ќе стартува следната недела - приоритетните ќе ги утврдува Комисијата за имунизација
По 1000 боцкања во ден, прво кај постарите од 65 години сместени во институции, потоа ризичните групи според приоритет...На овој начин здравствените власти планираат да ја стртуваат имунизацијата против сезонски грип најверојатно во среда и со ова темпо да бидат до средината на ноември кога треба да стигне втората пратка на вакцини. Само за два дена на вакцинација.мк има над 38 000 пријавени граѓани што е повеќе од првично стигнатите 30 000 дози кои Министерството за здравство ги обезбедени преку заем во рамки на меѓународната соработка со УНИЦЕФ и Албанија. Вакцината е тривалентна од јужнокорејски производител. Кои хронично болни ќе имаат предност за вакцинирање ќе одлучува Комисијата за имунизација.
- Приоритет прво имаат возрасните над 65 години згрижени во институции заради институционалниот карактер и поголемиот ризик за епидемија во тие услови. И другите ризични групи ќе бидат опфатени согласно проценките на Комисијата. Јас очекувам во среда да започне вакцинацијата и ќе ми биде задоволство и јас да бидам вакциниран како ризична група, изјави Сашо Клековски, министер за здравство.
Освен во пунктовите ќе има и вакцинирање во домашни услови за лица кои се неподвижни а преку добивање на смс пораки граѓаните ќе знаат кога и каде ќе добијат заштита од сеонскиот вирус.
- Во основа сите активности што се организирале во минатото ќе бидат организирани и сега. Нема да има никаква отстапка во начинот на работа и методологијата, изјави Клековски.
На 15 ноември треба да пристигнат уште 26 000 вакцини од француски производител а здравствените власти најавија и дополнителна набавка за бројката до 80 000 дози како лани кои се бесплатни за ризичните групи.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
