Македонија
23. October 2026 - 16:27

Вакцинацијата со БСЖ за новороденчиња против туберкулоза ќе продолжи за 10-тина дена

За 10-тина дена се очекува да продолжи вакцинацијата на новороденчиња со БСЖ против туберкулоза, најави министерот за здравство. Вакцините се од јапонски производител, а државата ги обезбедува со посредство на УНИЦЕФ, откако на 6-ти месецов беше стопирана имунизацијата со бугарските вакцини поради пријавата на 4 сомнителни случаи на инфекција на коските во Хрватска како можна реакција од истата вакцина. Поради ова, здравствените власти набавуваат количини од Јапонија за една година, а дополнително ќе бидат повикани и децата родени во изминатите 2 недели.

- Трае паузата, УНИЦЕФ само што нè исконтактира дека ќе им требаат уште 10-тина дена да ја организираат документацијата и логистиката, ќе замолам за трпение, нема друго соодветно решение, секако таа вакцинација може да се направи малку подоцна отколку во првата недела, изјави Сашо Клековски, министер за здравство (21.10).

Во меѓувреме, и во земјава здравствените власти прават детална анализа наназад 4 години дали има нерегистриран случај, односно можна компликација после вакцинација, иако нагласија дека остеомиелит не може да настане само како реакција од вакцина.

Секоја година околу 16.000 новороденчиња примаат БСЖ пред да го напуштат родилиштето. Во Македонија вакцината од бугарскиот производител е во употреба повеќе од 20 години и овој период е пријавена само една очекувана локална реакција.