Велика Британија: Подготвени сме да го браниме украинското небо
Велика Британија е подготвена да испрати војници во Украина за да го бранат воздушниот простор и морските пристаништа, но не и на бојното поле против Русија, ќе изјави началникот на британската армија Тони Радакин на состаноците во Пентагон, објавува Гардијан.
Радакин, началникот на Генералштабот, денеска учествува во разговорите во Вашингтон за финализирање на обврските што 30 земји се подготвени да ги преземат за безбедноста на Украина по војната. Според британските претставници, Лондон е подготвен да испрати војници за логистичка поддршка и обука, но не и да распореди војници по руската граница.
Првично, се зборуваше за можно распоредување до 30.000 војници, но оваа идеја беше отфрлена поради противењето на некои европски земји.
-Ништо не се случува во Вашингтон без одобрение од претседателот, а поддршката на Трамп за безбедносните гаранции во понеделник го стави целиот процес во движење, рече британски претставник.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД нема да испраќаат војници во Украина. „Ги имате моите гаранции за тоа. И јас сум претседател“, изјави тој за Фокс њуз.
Британскиот министер за одбрана Џон Хили минатата недела изјави дека Лондон е подготвен да ѝ помогне на Украина „да го обезбеди своето небо и море и да ги зајакне украинските сили“.
Британските претставници велат дека подготовките се сериозни, а не само политички притисок врз Русија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот изјави дека очекува безбедносните гаранции да бидат финализирани во следната „недела до 10 дена“.
Британските претставници велат дека британските сили би можеле да бидат распоредени во Украина за логистика и за заштита на воздушниот простор и пристаништата, но не во операции што би ги довеле во директен конфликт со руските сили.
Ново на Сител
-
Амбасадорот на ЕУ во Белград бара темелна истрага за евентуална прекумерна употреба на сила врз демонстрантите
-
Поради пожарот во „Јасен“, се уште затворен за сообраќај патот Македонски Брод - Скопје
-
Министерството за култура и туризам и Германскиот археолошки институт ќе потпишат Меморандум за соработка
-
Нестабилно време денеска, стабилизација од среда, за викенд повторно дожд
-
Додик: Нема да ја почитувам одлуката, останувам претседател на РС
-
20-годишно момче од Охрид е втората жртва во тешката сообраќајка на патот Битола – Ресен
-
Николоски: Нови авиолинии од македонските аеродроми, годината ќе ја завршиме со двоцифрен раст на бројот на патници
-
Три активни пожари до 18 часот, 16 изгаснати