Македонија
27. July 2025 - 16:36

Високите цени и потребата од нови мерки ќе се разгледуваат на ЕСС следната недела

По речиси половина година пауза, следната недела на заедничка маса треба да седнат Владата, синдикатите и работодавачите. Ќе се дискутира за растот на цените и потребата од нови мерки за заштита на животниот стандард. Заменик-министерот за економија вели дека комисијата за утврдување репрезентативност на синдикатите си ја завршила работата и со тоа практично е откочен економско-социјалниот совет.

„Една од дискусиите ќе биде стапката на инфлација, заштита на животниот стандард и можноста дали и понатаму ќе се одредуваат нови мерки или не. Ние ја следиме ситуацијата и сето тоа ќе биде и сето што ќе биде донесено ќе биде во договор на сите страни кои учествуваат во Економско-социјалниот совет, односно со еден заеднички трипартитен договор“ – Марјан Ристески, заменик-министер за економија и труд

Според најавите, на седницата на ЕСС ќе се разгледа и владиниот предлог да се пресметуваат пет потрошувачки кошнички. Премиерот предложи наместо една, да има посебна математика за самец, брачен пар, трочлено и четиричлено семејство и за пензионери.

Образложението е дека сите имаат различни потреби.

Кошничка во која се вклучени основните трошоци за 4-члено домаќинство сега прави само ССМ. Сител оттаму ги зема податоците за храна и пијалоци и пресмета колкаво е поскапувањето од ланскиот до овој јули. Бројките покажаа разлика од околу 1.700 денари. Во изминатите 12 месеци, најевтино било во април годинава, кога на сила беа замрзнатите маржи, а најскапо е сега.

Министерот за економија во четвртокот кажа дека е нормално да растат цените откако завршија мерките и дека сега нема да се ограничуваат маржите. Се размислува само на долгорочни мерки, како на пример раст на домашното производство.