Владата донесе оперативен план за вработување кој опфаќа 16.000 граѓани, повеќето млади до 29 години
Владата ќе дава по 10.000 евра неповратни средства на млади невработени до 29 години да започнат сопствен бизнис. Ова е само една од мерките од владиниот оперативен план за вработување вреден 40 милиони евра и кој треба да опфати над 16.000 граѓани. Годинава е планирано да се ангажираат и 400 потешко вработливи лица како пожарникари кои ќе добиваат по 24.000 денари месечно и ќе се стават на располагање на општините доколку има потреба за справување со пожари.
- За прв пат државата ангажира толкав број на лица кои ќе помагаат во справувањето со пожарите откако го затекнавме девастиран целиот систем на справување со пожарите. На овој начин се подготвуваме за предизвиците кои следат ова лето и ги преземаме активностите со кои ќе бидеме подготвени. Што се однесува до мерките за млади.
Очекувано е од вклучените лица околу 65% да бидат млади до 29 години, особено затоа што сите мерки се креирани првенствено да ја опфатат оваа категорија, а притоа постојат и такви мерки кои имаат за цел посебно да ја таргетираат оваа група на граѓани. Младите се ставени во фокусот со цел да се спречи одливот на мозоци и работна сила, изјави Христијан Мицкоски, Премиер.
Мерката самовработување на младите се надополнети со две подмерки. А зголемена е и помошта од државата.
- Поддршката за самовработување-невработени млади лица до 29 години која според проекциите Со оваа мерка невработените добиваат поддршка да започнат или да формализираат сопствен бизнис, со услов да се евидентирани во АВРСМ со минимум завршено основно образование. Висината на финансиската поддршка е 615.000 денари, неповратни средства за основање на бизнис, рече Бесар Дурмиши, министер за економија и труд.
Лицата за да ги користат мерките треба да бидат евидентирани во Агенцијата за вработување како активни баратели на работа. Според оперативниот план за 2025 –та, Владата ќе доделува младински додаток до 23 години за вработени во областа на производството во висина од 3.000 денари, како и поддршка за вработување на лица со попреченост, а ќе се поттикнува и практиканството. Има и програми за повеќе обуки меѓу кои и за возачка, странски јазици, компјутери кои се однесуваат за долгорочно невработени, корисници на социјална помош и други загрозени категории со цел лицата со низок степен на образование да имаат побрз и подобар пристап до вработување.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар