Македонија
23. September 2025 - 16:32

Владата ќе субвенционира филтри за оџаци

Субвенции за филтри на оџаци, за да се намали загадувањето, најави премиерот Мицкоски. На денешната владина седница ќе предложи - домаќинствата кои користат дрва или фосилни горива за затопливање,  да добијат државна помош за поставување филтри.

Анализата покажала дека голем дел од градовите го намалиле загадувањето на воздухот токму на овој начин. Принципот за доделување на субевнциите би бил ист како за клима уредите и топлотните пумпи. 

- Бидејќи гасификацијата е процес којшто ќе трае подолго, нема да имаме брзи резултати, можеби треба да размислиме по истиот принцип, како што субвенционираме за клима-уреди, за топлински пумпи и ваков тип на субвенционирање сметки за струја за социјално ранливи категории, на отприлика 5-10.000 домаќинства, да им субвенционираме филтри на оџаците на оние домаќинства коишто користат фосилни горива, односно дрва – рече Мицкоски.

Покрај приватните домови, филтри би се поставиле и на околу 500 државни објкети, вели премиерот. Инаку статистичките бројки покажуваат дека 60% од домаќинства во земјава се греат на дрва. Помалку од 30 отсто користат или електрична енергија или комбинација на струја и дрва, додека пак само 10% домовите ги затоплуваат со централно греење, односно парно, кое е достапно само во Скопје.