Владата најави одговор на барањата од ЕСЧП
Владата подготвува стратегија и аргументи за одговор на Судот за човекови права во Стразбур по повод тужбата на 10-мината поранешни функционери или обвинети во предмети од СЈО кои беа опфатени со аболицијата на поранешниот претседател Иванов, потврди министерот за правда Бојан Маричиќ.
Но детали за тоа што точно ќе содржи овој одговор, Маричиќ не дава. Она што го открива е дека државата ќе одговорела во насока на поддршка на владеењето на правото и за тоа имала неколку недели. Нема коментар за фазата на помирувања на која упати Европскиот суд.
Со аболицијата на Иванов од 2016-та беа опфатени 54 лица, а меѓу нив и двајцата обвинети – поранешни вработени во УБК Бошковски и Грујовски за кои Врховниот суд на Грција одлучи дека аболицијата и покрај тоа што е повлечена сепак важи. Атина засега одбива да одговори на второто барање за екстрадиција што го испратило министерството.
Адвокатот на 10-мината тужители кој е и сопруг на поранешната министерка Гордана Јанкуловска, Влатко Илиевски, пак, веќе изјави дека фактот дека Судот повикува на пријателска спогодба е прилично охрабрувачки за тужителите – обвинети во СЈО.
Маричиќ, пак, вели дека Владата ќе направи се за предметите на СЈО да имаат завршница и дека на тоа упатува и Европската комисија во последниот извештај.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
