Македонија
6. March 2024 - 16:42

Владата не се откажува од четирите закони за стратешки инвестиции

Владата не се откажува од четирите закони за стратешки инвестиции. Техничкиот премиер Џафери потврди дека сите министри не биле сложни за законите, ама тоа не било пречка да ги испрати во законодавниот дом.

„Во Владата, така е, точно е, не беа сите согласни. Добро де, не е ново што ќе ви кажам. Принципот на одлучување во Влада не е консензус како во Европска Унија. Пуштени се во Собранието. Таму веќе кој како ќе постапи, нивна надлежност е. Не можам јас да коментирам туѓи надлежности“ – Талат Џафери, технички премиер

Вицепремиерот Битиќи, кој е еден од потписниците на законите, не открива што точно измениле минатата недела кога законите беа повлечени во влада, па повторно вратени во Собрание. Накусо рече дека се елиминираат ставови кои можат различно да се толкуваат како дополнителни поволности за инвеститорите.

„Искрено не би сакал сега кога немам пред себе да кажам кој член од законот е изменет, иако добро ме служи меморија. Мислам дека набргу ќе има комисиска расправа на кој ќе може детално да зборуваме за секој еден од договорите“ – Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања

Откако вчера пратениците на ВМРО-ДПМНЕ поднесоа 40 амандмани, Битиќи ги покани на комисиска расправа за заедно да дебатираат. Тој е подготвен и на сценариото тие да не бидат донесени пред избори со оглед на тоа што вчера комисиска расправа немаше оти во салата не дојдоа пратениците од коалициските партнери ДУИ и Алијанса, но е убеден дека ќе поминат после изборите.

„Јас ги разгледав, треба да ги слушнам нив. Искрено, ако не ги слушнам, воопшто нема да бидат земени предвид. Затоа што нема да бидат таму. Ако не се случи, ништо спектакуларно. На 9 мај ќе имаме нова Влада предводена од СДСМ којашто ќе ги продолжи овие инвестиции затоа што тие се за доброто на граѓаните“ – Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања

Според социјалистичката партија, пак, донесувањето на овие закони ќе значи економско убиство на македонската држава.

„Криминалната власт на СДС и ДУИ не сака да слушне ниту да ги разбере последиците кои долгорочно ги создава и кои сите ги гледаат како злокобна и уништувачка политика и предавство на државата.Власта е заслепена од очекуваните криминални пари што ќе ги украде од граѓаните преку странски фирми, а еден претходен криминален модел се предлага да се повтори преку „Митилинеос“ со државата ќе мора да откупува енергија и кога не и треба по скапи цени, а во спротивно, ќе мора да плаќа пенали и казни со пари од граѓаните“

Здружението на инженери веќе поднесе претставки до 11 институции меѓу кои Јавното обвинителство, Антикорупциска, МВР и Заводот за ревизија, поради како што велат, ризици од корупција и обид за кривични дела.