Македонија
20. December 2020 - 16:38

Власта го повлече законот за надворешни откако опозицијата најави блокада за амбасадори со двојно државјанство

СДСМ, ДУИ и БЕСА го повлекоа измените на законот за надворешни работи со кои се предвидува амбасадор освен македонско, да може да поседува и државјанство од друга држава. Решението е повлечено откако утринава од опозициски пратеници реагираа дека ќе го блокираат неговото донесување со повеќе од 300 амандмани.

Во измените, зад кои стојат потписите на Митрески од СДСМ, Адеми од ДУИ и Реџепи од БЕСА  пишуваше дека тоа се правело за да се овозможи уставното право секој граѓанин да учествува во вршењето на јавна функција.

Според предлагачите, токму ВМРО-ДПМНЕ во мисија, спротивно на закон, испраќала дипломати со двојно државјанство.

„Сега, во контекст на другите случувања во нивната партија, само глумат наводен патриотизам. Очигледна е блокадата и деструкција на се што работи Собранието“, коментираат предлагачите кои сепак, по реакцијата најавуваат дека ќе се откажат од идејата.

И според МНР, „повлекувањето на некои од сегашните ограничувања за мабасадори нема да ја наруши сегашната контрола и сигруност на дипломатската мрежа“, а најавуваат и сосема нов закон за надворешни работи.

На измените пред неколку дена реагираше Советот на амбасадори дека во време кога се негира македонската државност и идентитет со двојното државјанство на амбасадорите се уриваат темелите на државата.

Шефот на државата Пендаровски лани не одобри неколку предложени амбасадори токму поради тоа што поседуваа двојно државјанство. Досега неколку амбасадори со двојно државјанство беа упатени на дипломатска мисија, но откако претходно се откажаа или го замрзнаа државјанството на втората држава.