Во Белгија прогласен „портокалов аларм“ за опасност од респираторни инфекции

Белгиската Група за управување со ризици (РМГ) донесе одлука за покачување на нивото на опасност од респираторни инфекции во Белгија од „жолто“ на „портокалово“, по информациите на здравствените власти дека грипот се шири забрзано и дека се зголемува притисокот врз болниците.
РМГ е група составена од претставници на белгиските здравствени власти одговорни за утврдување на мерките за заштита на јавното здравје. Според правилникот на РМГ, воспоставени се четири нивоа на ризик од респираторни инфекции – зелено (ниско), жолто (умерено), портокалово (високо) и црвено (многу високо).
Во зимски услови предупредувањето се однесува за респираторни инфекции од грип, РСВ вирус, пневмонија и Ковид-19. Присуството на овие вируси се одредува преку мерењето на нивната циркулација во отпадните води на неделно ниво и преку системот за здравствен надзор имплементиран од болниците и општите лекари.
РМГ потенцира дека вирусот на грипот активно циркулира низ Белгија и може да биде опасен за оние кои се изложени на ризик од компликации, како повозрасни од 65 години, бремени жени и лица со имуни и кардиоваскуларни заболувања.
Групата им препорачува на граѓаните миење раце, редовно проветрување на просториите, кашлање или кивање во лактот, останување дома ако се болни и носење маска на јавни места ако имаат благи симптоми и до пет дена по нивното појавување.
– Со внимателно следење на основните препораки, кои важат преку целата година, можеме колективно да го ограничиме ризикот од преминување на црвено ниво на аларм и да избегнеме преоптоварување на нашиот здравствен систем, објаснува РМГ во своето соопштение.
Изминатата недела (од 30 декември до 5 јануари), се регистирани 207 заболени од грип, што е зголемување за 31 отсто споредено неделата пред неа кога беа регистрирани 158 случаи, се наведува в
Според вирологот Стивен Ван Гухт од белгискиот Национален здравствен научно истражувачки институт „Сајнсано“, прогласувањето на „портокалов аларм“ не е нешто невообичаено за ова време од годината, особено кога се бележи зголемување на респираторните инфекции.
– Сепак, со оглед на зголемениот притисок врз болниците, ова нè наведе да го промениме нивото на аларм, со дополнителни препораки во врска со носењето маска при појава на симптоми, без разлика дали во јавен превоз, на јавни собири, во чекални на лекар или во болници, изјави Ван Гухт за весникот „Соар“.
Тој потенцира дека тоа се „препораки, а не обврски“, нагласувајќи дека одговорност на сите е да помогнат во ограничувањето на ширењето на респираторните инфекции.
Кога станува збир за РСВ вирусот, Ван Гухт истакнува дека оваа сезона тој го достигнал својот „врв“ кон крајот на декември 2025 година, што е значително подоцна отколку претходната сезона.
– Циркулацијата на РСВ е помала кај децата, што несомнено е ефект на вакцинацијата. Сепак, се зголемува кај оние над 65 години, но тоа не е изненадување, бидејќи вирусот е двофазен, што значи дека прво ги погодува децата, а потоа возрасните, вели Ван Гухт.
Според него, циркулацијата на Ковид-19 во Белгија засега останува на ниско ниво.
– Како и лани забележуваме дека неговата активноста е слаба во зима, по што малку се зголемува во текот на летото и раната есен. Ковид-19 не исчезна. Како и грипот, Ковидот останува опасен за одредени поранливи групи на население, на кои сè уште им се советува да се вакцинираат за да избегнат компликации, додаде Ван Гухт.
Ново на Сител
-

Стармер не сака разговори со Путин како што предложија Макрон и Мелони
-

Поранешната најголема санта лед во светот видена од вселената како се распаѓа
-

Трамп може да ги казни со царини земјите кои се противат на неговите планови за Гренланд
-

ДСЗИ: Причината за смрт на доенчето починато во Кавадарци ќе биде наведена во извештајот по завршување на обдукцијата
-

МВР: Од 20 до 31 јануари тестирање на камерите за сообраќаен надзор во рамки на „Безбеден град“
-

Избрани најубаво украсената тераса, двор и ученички расказ во рамки на манифестацијата „Украсуваме по СКОПСКИ“
-

Пијан ја претепал партнерката, ја давел за вратот и скршил ребро и градна коска
-

АВМУ: Инфлуенсерите, влогерите, креаторите на содржина и јутуберите да се регистрираат во Агенцијата
