Македонија
22. јуни 2025 - 16:30

Во детското одмаралиште „Малешево“ две децении нема деца

Во детското одмаралиште „Малешево“ кај Берово, веќе две децении нема деца. Објектот е во катастрофала состојба и оставен на „забот на времето“. Првиот човек на општината истакна дека подолг период иницира изнаоѓање на решение, но потребна е согласност од централната власт.

- Имаше во едно минато време постапка за издавање под долгорочен закуп, според нашите информации истиот е поништен. Со ревизија е утврдено дека има пропусти во постапката и дека ќе се повтори. Меѓутоа, чекаме подолго време како општина, немаше никаква активност од Владата. Практично нема никава активност за издавање под закуп или решавање на проблемот, кој навистина е грда слика з анашиот туристички бисер Беровското езеро, каде овој објект секојдневно се распаѓа,а и целиот е обраснат и е грда слика за турзмот во Берово, изјави Звонко Пекевски, градоначалник на Берово

Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади вели дека е побарано да се направи проценка за ова одморалиште, како и за останатите пет на ниво на државата со цел да не се распаѓаат и да бидат корисни како претходно.

- Општините во овој момент освен можноста за директна продажба што се користи како модел, јавно-приватно партнерство е исто можност согласно Законот, а секако, доколку се донесе одлука и Владата да е на став да истите бидат реконструирани од страна а ресорното министерство и да бидат во функција според намената, односно, детски одмаралишта, изјави Гоко Велковски, заменик министер за социјална политика, демографија и млади.

Во 2014 државата го огласи „Малешево“ за продажба. Одморалиштето со 4000 метри квадратни имаше почетна цена од 515 илјади евра, но и покрај големиот интерес од страна на инвеститорите, не беше постигната почетната цена. Во 2023 година Општина Берово побара од Министерството за труд и социјална политика да го добие “Малешево“ во своја надлежност, да го обнови и да го стави во фукнкција, но барањето им беше одбиено.