Во Љубљана протест за излегување на Словенија од НАТО

Во главниот град на Словенија, Љубљана, синоќа се одржа протест, на кој се побара излегување од НАТО.
Демонстрантите носеа транспаренти на кои пишуваше „Израелхел“ (Israhell), кованица од англиските зборови Израел и пекол, „НАТО = мочуриште“ и „Повеќе не сакаме да сме робови на НАТО“ и апели за воведување санкции за САД и за Израел и пренасочување на воените расходи кон јавната сфера.
Демонстрантите исто така изразија критики кон сегашната надворешна политика на Словенија, која планира да ги обнови односите со Израел.
– Тие се обидуваат да го оправдаат зголемувањето на трошоците за одбрана и вооружување со љубовта кон мирот и безбедноста. Нема да бидеме обврзани со нивните лаги! – изјави една од организаторите на протестот, Тара Маслаковиќ.
Таа наведе дека иако претходната либерална влада изразувала декларативна солидарност со Палестина, одржуваше економски и академски врски со Израел и не го осуди геноцидот со никаква акција. Според Маслаковиќ, надворешната политика на Словенија е уште подиректна со актуелната десничарска влада.
Протестот во Љубљана следува по самитот на НАТО во Анкара, на кој лидерите разговараа за поддршката на Украина и спроведувањето на обврската за зголемување на трошоците за одбрана на пет проценти од бруто-домашниот производ до 2035 година.
Словенија ќе потроши помалку од два проценти од БДП за одбрана оваа година. Словенечкиот премиер Јанез Јанша вети дека ќе бидат потрошени дополнителни 300 милиони евра за одбрана за да ги исполни барањата на НАТО.
Претседателот на словенечкиот парламент, Зоран Стевановиќ, во април најави организирање референдум за излегување на Словенија од НАТО, а вчера посочи дека најсоодветно време за тоа би биле локалните избори, што ќе се одржат наесен.
МИА
Ново на Сител
-

Скопје ќе биде домаќин на Европското првенство во кикбокс: Над 1.000 натпреварувачи од 41 држава, Македонија ќе атакува на четири медали
-

Инстант лоз „Титаниум“ на Државна лотарија
-

Инстант лоз „Хороскоп“ на Државна лотарија
-

Менувал оценки, бришел испити и запишувал семестри за пари – полициска акција во Штип и Скопје
-

Неизвесен е настапот на Ѓоковиќ на Мастерсот во Париз
-

Зеленски изјави дека хакирањето на руската апликација за предупредување било одмазда
-

По 28 години пешачење околу светот, Карл Бушби конечно се врати дома
-

Северна Кореја ги отфрла обвинувањата на САД за хакирање на „Бајнанс“
