Македонија
16. April 2026 - 12:28

Во Штип 503 ученици ќе полагаат матура според строги критериуми

Штипските матуранти влегуваат во завршната фаза од подготовките за полагање на државната матура, еден од најважните предизвици за заокружување на средното образование и пред уписот на некоја од високо школските установи. Според новиот концепт на МОН,  матурантите ќе полагаат три различни видови матура, државна, државна стручна и државна уметничка.

-Годинава во Штип средното образование го завршуваат вкупно 503 ученици, кои ќе полагаат различни видови матура, во зависност од средното училиште и плановите на учениците за во иднина. Најголем дел од учениците кои го завршуваат средното образование ќе полагаат државна матура, вкупно 372, вклучувајќи ги и општинските и државните училишта на територија на општината. Ќе имаме полагање и на стручна матура, бројот на ученици е 15, изјави Снежана Санева, раководител на сектор за образование, ЛС-Штип.

Триесет и осум ученици се одлучиле за полагање на училишна матура, а 33 матурантите од средното музичко училиште „Сергеј Михајлов“ ќе полагаат уметничка матура.

-Вкупниот број на ученици кои ќе полагаат завршен испит е 45. Тоа се ученици кои завршуваат три годишно средно образование, додаде Санева.

Заради потребата од поголем простор, матурата ќе се одржи во просториите и амфитеатрите на штипскиот универзитет.

-Учениците треба добро да се подготват, бидејќи критериумите се строги, бараат учење, бараат подготовка, изјави Санева.

Полагањето започнува во јуни, а резултатите ќе покажат колку знаењето стекнато во изминатите четири години ќе биде преточено во успех. Матурата не е само испит, таа е и симболичен крај на едно поглавје и почеток на нова животна етапа за младите во Штип.