Во Струмица доделени 21 стан на семејства во социјален ризик
По неколку години од изградбата, дел од становите во социјалната зграда во Струмица конечно се доделени. Вкупно 21 семејство во социјален ризик добија станови на користење, со што го решија своето станбено прашање.
Доделувањето е спроведено преку јавен оглас објавен од министерството за транспорт и врски во рамки на програмата за социјално домување. За објавените станови пристигнале вкупно 32 апликации. Станува збор за граѓани кои спаѓаат во шест приоритетни категории, меѓу кои самохрани родители, лица со попреченост, корисници на гарантирана минимална помош, како и други социјално загрозени лица.
Во текот на целата постапка, заинтересираните апликанти добиле административна и стручна поддршка од Центарот за социјални работи Струмица со цел процесот да биде што подостапен за најранливите категории граѓани.
Социјалната зграда во Струмица беше изградена во 2018 година, а првите четири станови беа доделени во 2019 година на лица со попреченост згрижени во Заводот за заштита и рехабилитација Бања Банско како дел од процесот на деинституционализација.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар