Во водите на Охридското Езеро утре ќе се одржи 39. „Охридски пливачки маратон“

Шеснаесет пливачи од осум држави утре ќе застанат на стартот на 39. Охридски пливачки маратон, што ќе се одржи на традиционалната 25-километарска патека „Климе Савин“ од Свети Наум до Охридското пристаниште.
На маратонот ќе настапат пливачи од Македонија, Србија, Турција, Канада, Италија, Шпанија, Португалија и од Аргентина, од кои 11 во машка и пет во женска конкуренција.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, на денешната прес-конференција во пресрет на маратонот истакна дека манифестацијата има значење што го надминува спортот и претставува важен дел од промоцијата на Охрид.
– Охридскиот пливачки маратон не е само трка во светскиот календар во пливање на отворени води, туку и традиција, наша гордост и неизбришлив дел од охридскиот идентитет. Секој испливан метар од маратонот е приказна за силата на човечкиот дух, но и за љубовта кон езерото што нè спојува и поврзува. Тој го става нашиот град на светската мапа како центар на спортскиот дух, ја пренесува нашата култура и гостопримство ширум светот и ја инспирира секоја нова генерација млади охриѓани да спортуваат, но и да ги надминуваат сопствените граници, рече Пецаков.
Тој го оцени маратонот како „круна на нашата летна сезона“ и силен симбол на отвореноста на Охрид кон светот, посакувајќи им на учесниците мирно езеро, добра енергија и фер трка.
– За мене лично, а верувам и за многумина, секој што ќе го исплива овој вистински спортски подвиг е веќе победник, истакна Пецаков.
Градоначалникот најави засилена поддршка за јубилејното 40. издание следната година. Локалната самоуправа, заедно со Министерството за спорт, планира маратонот да биде подигнат на повисоко ниво, како организациски, така и во однос на наградниот фонд.
– Заедно со директорот на трката, пливачките клубови кои учествуваат во организацијата и Пливачката федерација на Македонија, ќе направиме повеќе од спектакуларно 40. издание на Охридскиот пливачки маратон, најави Пецаков.
Директорот на маратонот, Ристе Јанкоски, информира дека и годинава ќе се плива патеката „Климе Савин“ во должина од 25 километри, со старт кај Свети Наум во 10 часот и цел на Кејот кај Градското пристаниште во Охрид.
Наградниот фонд на годинашниот маратон изнесува 15 илјади долари. Парични награди ќе добијат најдобрите десет пливачи во машка и женска конкуренција, како и најдобрите тројца во генералниот пласман.
Покровители на маратонот се Општина Охрид, Министерството за спорт и Претседателот на Република Македонија, а технички организатор е Пливачкиот клуб „Охридски бранови 2008“ од Охрид.
Организаторите ги повикаа охриѓани и гостите утре да го проследат маратонот и со своето присуство да придонесат кон продолжувањето на традицијата на една од најзначајните спортски манифестации на Охридското Езеро.
Ново на Сител
-

ДИК: За изборот на градоначалник во општина Брвеница се обезбедени 21.100.000 денари
-

Трамп ја нарече Канада една од „најлошите земји“ за преговори во услови на трговската војна
-

Словачка предлага забрана за социјални медиуми за деца под 16 години
-

Британец осуден на 20 месеци затвор за лажирање смрт на 30 кучиња за кои заработил околу 36.300 евра од осигурителните компании
-

Апокалиптични сцени во Непал: Стотици исчезнати и десетици загинати по катастрофални поплави
-

ЕК објави распоред на летното и зимското сметање на времето за следните пет години
-

Ужас во Прилеп: 48-годишник во повеќе наврати ја силувал малолетната поќерка
-

Рустемовски со бронза се враќа во Македонија, по израмнета борба остана без финале
