Во водите на Охридското Езеро утре ќе се одржи 39. „Охридски пливачки маратон“

Шеснаесет пливачи од осум држави утре ќе застанат на стартот на 39. Охридски пливачки маратон, што ќе се одржи на традиционалната 25-километарска патека „Климе Савин“ од Свети Наум до Охридското пристаниште.
На маратонот ќе настапат пливачи од Македонија, Србија, Турција, Канада, Италија, Шпанија, Португалија и од Аргентина, од кои 11 во машка и пет во женска конкуренција.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, на денешната прес-конференција во пресрет на маратонот истакна дека манифестацијата има значење што го надминува спортот и претставува важен дел од промоцијата на Охрид.
– Охридскиот пливачки маратон не е само трка во светскиот календар во пливање на отворени води, туку и традиција, наша гордост и неизбришлив дел од охридскиот идентитет. Секој испливан метар од маратонот е приказна за силата на човечкиот дух, но и за љубовта кон езерото што нè спојува и поврзува. Тој го става нашиот град на светската мапа како центар на спортскиот дух, ја пренесува нашата култура и гостопримство ширум светот и ја инспирира секоја нова генерација млади охриѓани да спортуваат, но и да ги надминуваат сопствените граници, рече Пецаков.
Тој го оцени маратонот како „круна на нашата летна сезона“ и силен симбол на отвореноста на Охрид кон светот, посакувајќи им на учесниците мирно езеро, добра енергија и фер трка.
– За мене лично, а верувам и за многумина, секој што ќе го исплива овој вистински спортски подвиг е веќе победник, истакна Пецаков.
Градоначалникот најави засилена поддршка за јубилејното 40. издание следната година. Локалната самоуправа, заедно со Министерството за спорт, планира маратонот да биде подигнат на повисоко ниво, како организациски, така и во однос на наградниот фонд.
– Заедно со директорот на трката, пливачките клубови кои учествуваат во организацијата и Пливачката федерација на Македонија, ќе направиме повеќе од спектакуларно 40. издание на Охридскиот пливачки маратон, најави Пецаков.
Директорот на маратонот, Ристе Јанкоски, информира дека и годинава ќе се плива патеката „Климе Савин“ во должина од 25 километри, со старт кај Свети Наум во 10 часот и цел на Кејот кај Градското пристаниште во Охрид.
Наградниот фонд на годинашниот маратон изнесува 15 илјади долари. Парични награди ќе добијат најдобрите десет пливачи во машка и женска конкуренција, како и најдобрите тројца во генералниот пласман.
Покровители на маратонот се Општина Охрид, Министерството за спорт и Претседателот на Република Македонија, а технички организатор е Пливачкиот клуб „Охридски бранови 2008“ од Охрид.
Организаторите ги повикаа охриѓани и гостите утре да го проследат маратонот и со своето присуство да придонесат кон продолжувањето на традицијата на една од најзначајните спортски манифестации на Охридското Езеро.
Ново на Сител
-

Чадот од српските пожари го покри романскиот град Тимишоара, дадени итни здравствени препораки
-

Мајка и татко од липковско психички и физички ја малтретирале својата 18-годишна ќерка
-

Уапсен 82-годишен маж, подолго време ја тепал својата 78-годишна сопруга
-

Кривична за 68-годишник од Демир Хисар, дома чувал четири различни видови на огнено оружје и 155 куршуми
-

Просечната нето плата во јуни 48.381 денар
-

Клековски: Средствата за прскање против комарци се безбедни за луѓето и се препорачани од СЗО
-

Мицкоски: Како држава годинава се справуваме најдобро со пожарите
-

Во водите на Охридското Езеро утре ќе се одржи 39. „Охридски пливачки маратон“
